Нова пешачка патека почна да се гради од Волково до Орман, на територијата на општина Ѓорче Петров. Воедно, на овој потег се поставува и улично осветлување.
Од Општина Ѓорче Петров информираат дека патеката ќе биде долга 1.800 метри и широка 1,4 метри, а целта е да се поврзе основното училиште „Јоаким Крчовски“ со село Орман и на тој начин да се реши децениски проблем од недостиг на безбедна зона за пешачење.
– Со оваа инвестиција, општината поставува и ново улично осветлување на патеката, со должина од над 1.400 метри. Вкупната вредност на проектот изнесува 7.000.000 денари. Оваа иницијатива не само што ги заштитува учениците и жителите, туку и создава повеќе можности за спорт, рекреација и здрав живот – потенцираат од локалната самоуправа.
Според општинските власти изградбата на пешачката патека ќе овозможи значително подобрување на сообраќајната комуникација, а пешаците ќе уживаат во зголемена безбедност и удобност, особено во вечерните часови благодарение на новото осветлување.