EPA/SEAN DEMPSEY

Шокантна вест ни доаѓа само еден ден по скопскиот „Визер“ маратон, а тоа е дека починал кенискиот шампион во атлетика, Кипјегон Бет, на 27-годишна возраст.

Додека деновиве Скопје дишеше во знакот на атлетиката, оваа вест ги шокираше сите љубители на спортот, иако не беше дел од маратонот, кој се одржа во нашата метропола.

Светскиот шампион до 20 години, на 800 метри, во 2016 година и сребрен со штафетата 4х800 на Светската штафета во 2017 година, починал поради здравствени компликации.

Покрај гореспоменатите успеси, Бет освои и бронзен медал на Светското првенство во Лондон, во 2017 година, на 800 метри.

Кениските медиуми јавуваат дека причина за смртта е сериозно оштетување на црниот дроб, кое влијаело и на други органи. Здравствените проблеми станале очигледни кога, пред неколку дена, побарал лекарска помош поради повраќање крв. И покрај максималните напори на лекарскиот тим, исходот бил трагичен.

Бет беше суспендиран поради допинг поради позитивен тест на ЕПО и се врати на патеките во 2022 година. Но, оттогаш не забележа ниту еден позначаен резултат во светот на атлетиката.