Големата легенда на НБА и Чикаго Булс, Боб Лав, почина на 81-годишна возраст по тешка битка со опасна болест. Лав остави длабока трага кај Булс, а во текот на девет сезони во Чикаго постигнуваше 21,3 поени и имаше 6,8 скока по натпревар.
- Со неговиот дрес со број 10, кој виси во Јунајтед Центарот, неговите спортски достигнувања се засекогаш врежани во историјата, но влијанието на Боб ја надмина кошарката. Тој стана инспиративна фигура и страстен амбасадор на заедницата за „Биковите“, посветувајќи се на хуманитарни цели и воздигнувајќи безброј животи со своите мотивациски говори. Ние сме исклучително благодарни за неговиот траен придонес и наследство, и на теренот во Чикаго и надвор од него, се вели во соопштението на Булси.
Лав беше прогласен за Ол-стар три последователни сезони, од 1970 до 1973 година. Најдобрата сезона ја имаше во 1971-72, кога бележеше во просек по 25,8 поени по натпревар.