ПОЧНУВААТ КОМБИНАТОРИКИТЕ ЗА НОВИ ВЛАДИЦИ: Стефан, Нектариј, Партениј, Наум… кој ќе биде наследник на владиката Тимотеј?

1413
Повеќе имиња на црковни достоинственици почнуваат да се спомнуваат во игра за нови митрополити во Дебарско-кичевската и на Австралиско-сиднејската епархија, а чиј избор треба да дојде на синодски дневен ред. Главната битка, извесно, ќе се води околу тоа дали Партениј ќе биде избран за надлежен владика, а во што клучниот збор ќе го има архиепископот Стефан. Архимандритот Нектариј, актуелен игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“, ќе биде меѓу првите и во најтесниот круг на кандидатите кои би можеле да го заменат неодамна починатиот дебарско-кичевски владика Тимотеј. На листата со потенцијални наследници се и викарните епископи – хераклејски Климент и дремвитски Давид, помали се шансите довербата да им се даде на викарните епископи – стобиски Јаков и велички Никола. Од црковните кругови се дознава дека кругот на потенцијални кандидати се шири и со некои членови на Светиот синод, кои веќе имаат епархии, но би сакале да ги сменат. Македонските иселеници во Австралија, пак, го посакуваат владиката Наум, но нема да биде изненадување доколку продолжи администрирањето на поглаварот на МПЦ-ОА

 

Архимандритот Нектариј, актуелен игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“, ќе биде меѓу првите и во најтесниот круг на кандидати кои би можеле да го заменат неодамна починатиот дебарско-кичевски владика, Тимотеј. Но, сосема е неизвесно дали тој, кој уште од 1993 година во МПЦ-ОА има статус на „нехиротонисуван архиереј“ поради личното одбивање, би ја и прифатил функцијата на прв човек на Епархијата. Според неофицијалните сознанија до кои дојде ВЕЧЕР, досега со него немало контакти со цел да се изјасни, но нема да биде изненадување доколку тој ја одбие понудата со образложение дека има доволно други кандидати и дека сака и натаму да си остане како игумен на големото македонско светилиште.

Ова, извесно, ќе ги разгори внатрецрковните односи и планови околу тоа во чии раце да се предаде Дебарско-кичевската, но и Австралиско-сиднејската епархија, со кои сега времено ќе управува архиепископот г.г. Стефан. Показател за тоа се и реакциите во јавноста околу ситуацијата во која Светиот синод на МПЦ-ОА реши на заупокоената литургија на погребот на владиката Тимотеј да не учествува епископот атаниски Партениј од Бигорскиот манастир, кој е викарен епископ на ДКЕ. Дел од медиумите ја скандализираа оваа одлука со тврдењето дека ова е намерно направено под влијание на преспанско-пелагонискиот владика Петар, кој има анимозитет кон епископот Партениј. Наводно, со ова другите владици подлегнале под влијанието на митрополитот Петар, со што била испратена „порака“ дека епископот Партениј не може да смета на мнозинска поддршка во Синодот за да стане владика. И пред ова, владиката Петар во повеќе јавни настапи го обвинуваше епископот Партениј дека е предводник на „парацрковна структура во Бигорскиот манастир“. Тоа значи дека е прашање како ќе гледаат другите владици на можноста да го поддржат епископот Партениј или нема да сакаат да ризикуваат продлабочување на конфликтот, кој би се пренел во Синодот во случај на избор на Партениј за нов владика.

Од друга страна, во прилог на епископот Партениј оди фактот што тој е викарен епископ, што беше близок соработник на владиката Тимотеј, има остварено и започнато голем број проекти на подрачјето на ДКЕ, што има најголемо братство од педесетина монаси, илјадници духовни чеда на епархиското подрачје. Оттаму, треба да се очекува дека главната битка во Синодот ќе се води околу тоа дали ќе биде избран Партениј за надлежен владика, а во што клучниот збор ќе го има архиепископот Стефан.

Од таа причина, на листа со потенцијални кандидати за наследник, најверојатно, ќе се најдат постојните викарни епископи – хераклејски Климент кој е епископ веќе 19 години, дремвитски Давид кој е архијереј веќе 19 години, додека помали се шансите да им се даде довербата на викарните епископи – стобиски Јаков и велички Никола. Од црковните кругови се дознава дека кругот со потенцијални кандидати се шири и со некои членови на Светиот синод кои веќе имаат епархии, но би сакале да ги сменат. Таков бил случај со неколкумина. Нема да биде изненадување доколку се пристапи кон решението со кое ДКЕ би се поделила на два дела, а околу што се зборуваше во минатото, но не се оствари поради противењето на владиката Тимотеј.

Од друга страна, од Австралиско-сиднејската епархија, со која администрираше митрополитот Тимотеј, нашите сонародници од петтиот континент истапуваат со конкретен предлог.

– Наш отворен предлог е г. Наум за администратор на местото на г. Тимотеј. Поради подолго време нарушената здравствена состојба, г. Тимотеј не стигна да воспостави практичен ред во согласност со Уставот, според кој ја регистриравме Епархијата за Австралија (Сиднеј), при процесот за надминување на расколот наметнат од Петар. Сметаме дека г. Наум, со своето искуство како најстар по комбиниран владички и монашки стаж меѓу можните кандидати, е најпогоден во овој момент. Особено затоа што се докажал како владика кој знае да воспостави црковен ред во својата епархија со исклучително мирољубив и широкограден пристап. Плус, добро го владее англискиот јазик и има правно образование. Тој е најстар по хиротонија по Стефан и Петар, а го има и викарниот епископ Јаков, кој може да го заменува во Струмичката епархија – вели за ВЕЧЕР Игор Аврамовски Александров, раководител на Македонската православна заедница за Австралија со седиште во Сиднеј.

Оттаму предупредуваат дека секој обид да згасне оваа Епархија и да се врати поранешната состојба со една епархија на чело со владиката Петар, ќе предизвика раскол.

– Организацијата со една епархија не може да се врати, освен ако се повлече Петар и ако црквите што се под негова деспотска контрола, како старател и законски сопственик, се вратат под контрола на самоуправни македонски асоцијации и го прифатат епархискиот Устав, кој го договоривме ние со г. Тимотеј. Инаку, секој обид за една епархија ќе нè врати во расколот што го имавме до 2012 – потенцира тој.

Во игра за владика во оваа Епархија може да се најде и името на архимандритот Гаврил Галев, кој веќе долго време дејствува во нејзините рамки и ги исполнува условите за избор.

Сето ова, очигледно, повлекува бројни дилеми и води кон можноста со двете епархии и натаму да продолжи да администрира архиепископот г.г. Стефан. А, тоа ми можело да потрае и подолго време доколку се процени дека има ризик од внатрешни конфликти. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ