Утре, во Парламентот се очекува да се изгласа недоверба за Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа, членовите на Судскиот совет избрани од минатата владејачка коалиција на СДСМ и ДУИ. Опозицијата предупредува дека ВМРО-ДПМНЕ насила сака да инсталира свои послушници во судството, владејачката партија, пак, му порача, партиските кадри на СДСМ во правосудството ја спуштија довербата под 2 %
Народните избраници утре ќе ја одржат седница за интерпелација на петтемина членови на Судскиот совет избрани во Собранието од минатата власт, чиј исход се очекува да биде недоверба во нивната работа. Откако не можеше да ги разреши владејачкото мнозинство преку Комисијата за избори и именувања, премиерот Мицкоски најави интерпелација и им порача на членовите сами да поднесат оставка доколку биде изгласана интерпелацијата.
– Брзањето со интерпелациите на членовите на Судскиот совет, на ваков начин, во услови кога се подготвува нов закон за ова тело, ги обелоденува вистинските намери на власта. Намери што не поврзани со реформските процеси туку со воспоставувањето целосна партиска контрола – обвини потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.
Таа најави дека нема да го поддржат насилното уништување на правниот поредок и ќе бараат национален консензус за судските реформи, со цел да се осигури реформскиот процес во правосудните органи.
„Ги повикуваме сите политички партии, сите засегнати страни да се вклучат во процес, кој ќе овозможи суштинска, а не примитивно водена, половична и персонализирана партиско-лојалистичка квазиреформа. Ние ќе продолжиме да се бориме за вистински и суштински реформи во правосудството, кои ќе ги гарантираат неговите независност и ефикасност. Затоа, најважно, бараме од власта веднаш да престане со овие незаконски и неуставни дејства. Да се спроведат вистински реформи во согласност со препораките на меѓународните институции и да ги следи чекорите предвидени во Планот за раст, оние од Оценската мисија, укажувањата на ММФ . Во овие процеси мора, повторувам, да се штити и гарантира Уставот, особено начелата за поделба на власта и владеење на правото. Конечно, ова не е битка за неколкумина членови на Судскиот совет, ова е битка за зачувување на демократијата и на уставниот поредок“ изјави Чупеска на денешната прес-конференција.
Возврати пратеникот Драган Ковачки, со поставување партиски кадри во Судскиот совет, СДСМ целосно го узурпира судскиот систем.
– СДСМ активно се бори за да го задржи своето влијание во судството преку корумпирани судии и обвинители, кои во голема мера ѝ се должни на партијата за своите позиции и промоции.
„Како претседател на Судскиот совет беше Весна Дамева, која, како член на партиска комисија на СДС, активно го спроведуваше политичкиот и криминален интерес на својата партија. Дамева не само што ги поттикнувала туку и организирала незаконски дејства за да ги исполни нарачките од тогашниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Пред Весна Дамева, како заменик-претседател на Судскиот совет, беше Наќе Георгиев, кој важеше за десна рака на Зоран Заев и Венко Филипче. Георгиев е познат по вмешаноста во криминални активности, а неговото признавање за примање мито за да влијае врз судиите и обвинителите само ја потврдува влошената состојба во судството. Поставувањето партиски лојални кадри во Судскиот совет и нивната контрола врз судиите и обвинителите само ја зголемуваат перцепцијата дека правдата не е достапна за сите граѓани“ – изјави на прес конференција Ковачки.
Членовите Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа ги доставија писмените одговори до спикерот Африм Гаши, но, како што објави ВЕЧЕР, најверојатно членовите Албанци нема лично да се произнесат пред пратениците. Според Деловникот, се предвидува 20 минути за образложување на интерпелацијата од страна на еден од пратениците што ја поднеле и исто толку време за одговор од страна на лицето кому му се гласа доверба. По дискусијата во Парламентот, тој ден се гласа и за интерпелациите. Прашан дали очекува некој од нив да поднесе оставка, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, рече дека тоа е личен чин.
– Не знам, тоа е личен чин, индивидуална одлука. Не можам јас, ниту очекувам, ниту не очекувам. Не знам како ќе одлучат колегите – посочи Камбовски.
На тројца од членовите мандатот им истекува оваа година. Како што веќе објави ВЕЧЕР од извори во РСС, по изгласувањето недоверба, членовите може да бидат „решени“ преку поднесени иницијативи за поведување постапка за нивна одговорност во рамките на Советот. Претседателот Камбовски очекува да биде прашан за интерпелациите на средбата со Оценската мисија, на која треба да реферира за спроведените препораки, в среда , во седиштето на ЕК во Брисел. (П. А.)
.