В понеделник ќе биде отворено новото депо на Пајак- службата на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“, кое се наоѓа на локацијата до улицата и мостот „Беласица“, под Железничката станица.
Новото депо ќе биде посветено на поддршка на процесот на управување со паркирањето, одржувањето и чистењето на јавните површини, како и за да обезбеди поголема ефикасност во секојдневното функционирање на паркинг-услугите. Се очекува оваа нова локација да донесе значителни придобивки во контекст на зголемување на безбедноста и редот во урбаната средина. Ова е дел од пошироката стратегија на Општина Центар и на ЈП ПОЦ за подобрување на инфраструктурата и на услугите во градот.
– На новата локација, нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Депото е со површина од 2.250 квадратни метри и на неа се поставени нови куќарки за вработените и за услужување на корисниците. Изведени се водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, заградено е со ограда, поставен е видеонадзор на целата локација, обележана е сообраќајната сигнализација. Поставени се нови контролни рампи, кои ќе бидат контролирани безжично – објасни директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски.
Тој додаде дека со отворањето на новото депо, се подобруваат капацитетот и оперативната ефикасност на претпријатието, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во секојдневното работење.