ПОЧНУВА САМИТОТ НА БРИКС! Состанокот во Казан за Кремљ е еден од „најголемите надворешнополитички настани на сите времиња“ во Русија

403

Во рускиот град Казан денеска почнува самитот на БРИКС чиј домаќин е претседателот на државата Владимир Путин.

Стив Розенберг, уредникот на Би-Би-Си за Русија, го анализираше овој тридневен настан, потсетувајќи дека значењето на оваа кратенка, која ги вклучува првите букви од имињата на петте клучни и до неодамна единствените членови, е „тули“ (цигли) на англиски, а тула по тула прави ѕид.

„Англискиот збор за тули (БРИКС) означува и термин во меѓународните односи – организација на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република – кој неодамна беше проширен со нови членки, а може дополнително да се зајакне по претстојниот самит. Рускиот претседател Владимир Путин, кој е домаќин на состанокот во Казан од 22 до 24 октомври, гледа на земјите од БРИКС како противтежа на Западот во глобалната политика и трговија“, наведува Розенберг.

Тој додава дека се очекува официјалните лица во овој западен руски град, да разговараат за прифаќање на нови членови, а Турција би можела да биде меѓу првите на листата на новодојденци.

„Вратата е отворена, ние не му браниме никому“, изјави Путин пред новинарите од земјите на БРИКС во петокот на 18 октомври, наведувајќи дека уште 30 земји во светот се заинтересирани за соработка со оваа група.

Доколку Турција навистина стане нова членка, таа ќе биде првата земја на НАТО што ќе се приклучи на незападниот економски сојуз предводен од Русија и Кина.

Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати потврдија дека нивните лидери ќе присуствуваат на самитот, додека 78-годишниот бразилски претседател Луис Инасио Лула де Силва го откажа патувањето поради повреда на главата.

Која е целта на Путин?

Ројтерс наведува дека Русија оваа средба ја претставува како доказ дека пропаднале обидите на Западот да го изолира поради војната во Украина.

Москва сака со неа да соработуваат и други земји во средувањето на глобалниот финансиски систем, со цел да се стави крај на доминацијата на американскиот долар.

Путин рече дека членовите на групата работат на систем за финансиски пораки сличен на SWIFT, кој ќе биде имун на западните санкции и ќе користи национални дигитални валути за финансирање инвестициски проекти во и надвор од БРИКС.

„Рано е за разговорите за создавање единствена валута БРИКС“, рече Путин.