Португалија, Шпанија и Мароко се подготвуваат за нов топлотен бран, а во некои области се предвидуваат температури и до 46 Целзиусови степени.
Метеоролозите велат дека врвот ќе биде во среда на 24 јули, кога во Мадрид ќе биде околу 39 степени, во Севиља 43, а во Лисабон 37 степени, пишува „Дејли мејл“.
Сепак, највисока температура се очекува во Маракеш – 46 Целзиусови степени, додека до крајот на неделата се очекува пад на температурата.
Во меѓувреме, топлотниот бран донесе брутални бури во големи делови од северна Европа.
Во Франција, во текот на викендот беа забележани повеќе од 45.000 удари од гром, што се смета за најлошата бура во годината.
Невремето што започна во саботата на 20 јули доведе до поплави во регионот Ут-Марн на североистокот на земјата. По силното невреме во болница се пренесени пет лица, најмногу поради хипотермија.
Во некои делови од југоисточниот брег на Франција, како и на Корзика, падна град кој беше толку голем што локалното население и посетителите беа предупредени да внимаваат.
Во некои делови од земјата следеа поплави, жителите беа евакуирани од домовите, патиштата беа блокирани, а забележани се и неколку случаи на прекини на електрична енергија.
Невремето погоди и делови од источна Холандија кога силните ветрови го блокираа сообраќајот на автопатот, а многу луѓе останаа заробени во своите домови.
Австриските Алпи беа исто така погодени од поплави и порои, реките се излеаја од коритата, а улиците се претворија во потоци.
Ситуацијата беше особено страшна во градот Кремсбрук во Коринтија кога среде ноќ се огласија итни сирени додека водата ги опколи куќите Во Германија и Австрија, во два одвоени случаи, двајца млади планинари, на возраст од 18 и 22 години, беа убиени од гром.