Инспекциските служби од Општина Крива Паланка мапирале 53 напуштени, нефункционални возила на подрачјето на Општината, оставени на улици, паркинзи, тротоари и на други јавни простори.
– Почнуваме со акција за отстранување на хаварисаните и на отпадните возила од јавните површини на територијата на Општината, кои ги узурпираат јавните паркинг-места, но и ја загрозуваат безбедноста на пешаците и сообраќајот, како и естетскиот изглед на просторот. Постапката за нивно отстранување ќе ја спроведат инспекциските служби и МВР со поставување налепници за известување на возилата, со рок од 10 дена за отстранување од страна на сопствениците. По истекувањето на рокот, ќе следува опомена од 5 дена и доколку не се постапи и во овој рок, возилото ќе биде принудно отстрането, а против сопствениците ќе биде поведена постапка согласно со законските прописи. Акцијата се реализира во согласност со Законот за управување со дополнителните текови на отпад, Законот за безбедност на сообраќајот и со упатствата од Министерството за животна средина и просторно планирање – информираат од Општина Крива Паланка.
Оттаму упатија апел до сите сопственици на хаварисани возила поставени на јавни површини да ги отстранат во најкус можен рок и да придонесат кон почиста и побезбедна Крива Паланка, со напомена дека Одделението за инспекциски надзор при Општина Крива Паланка е отворено за сите дополнителни информации и пријави на локации на отпадни возила.