Денеска стартува 29. Светско првенство во ракомет, во Хрватска, Данска и во Норвешка. На овој шампионат ќе настапат вкупно 32 репрезентации, меѓу кои ќе биде и Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров. Македонија ќе игра во Д-групата, со селекциите на Унгарија, Холандија и на Гвинеја.
Ова ќе биде шести последователен настап за македонскиот национален тим на мундијалите, а вкупно деветти. Македонија од 2013 година постојано е присутна на светските првенства, а претходно настапуваше на шампионатите во 1999 и во 2009 година.
На овој шампионат, „црвено-жолтите“ ќе бидат еден од најмладите состави, но, според селекторот Лазаров, тоа не значи дека ќе бидат само статисти. Прва цел е да се пласираат во главната фаза на шампионатот, што е и реално, бидејќи им е потребна само една победа, а потоа следува потешкиот дел, каде што ќе треба да се борат за повисок пласман со селекциите на Франција, Австрија, Катар или на Кувајт.
Пред шампионатот, македонскиот национален тим одигра неколку контролни натпревари, најсилниот против селекцијата на Хрватска, кој го загуби минимално со 27:25.
– Задоволен сум од контролните натпревари, тоа што го сакавме – го видовме во Вараждин, на еден меч што се одигра во убава атмосфера. Не ме загрижува поразот од Хрватска. Мислам дека бевме доста добри со добар противник. Но мислам дека ќе бидеме многу подобри на Мундијалот – кажа Лазаров.
Но, мора да се напомене дека под водство на Кирил Лазаров, Македонија го има најлошиот пласман на едно Светско првенство. На претходниот шампионат, во 2023 година, се пласиравме на 27. место, додека најдобриот пласман го имавме во Катар, во 2015 година, кога се пласиравме на деветтото место.
Македонија првиот натпревар на шампионатот го игра утре, против Унгарија (20:30 часот), а потоа ќе ги одмери силите со Холандија и со Гвинеја.
Селекцијата на Данска ја брани титулата. Таа го креваше шампионскиот пехар на последните три мундијали (2019, 2021 и 2023), а минатата година го освои и олимпиското злато во Париз. Данците и овој пат важат за прв фаворит за освојување на нова, четврта светска титула во низа.
Исто така, во потесниот круг за освојување на златниот медал се и другите кодомаќини на шампионатот, селекциите на Норвешка и на Хрватска, како и Франција, која има освоено најмногу златни медали од светските првенства, дури шест (1995, 2001, 2009, 2011, 2015 и 2017). Последниот медал Франција го освои во 2019 година, бронза на шампионатот во Германија и во Данска.