Рехабилитацијата на бетонските профили и санацијата на потпорните косини ќе овозможат поголема пропусност на водотекот и значително ќе го намалат ризикот од поплави. Истовремено, со овој проект ќе се подобри урбаната слика на овој регион и ќе се создадат подобри услови за квалитетен живот. На настанот во рамките на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, како и министерот за локална самоуправа – Златко Перински, министерот за животна средина – Изет Меџити, заменик-министерот за локална самоуправа – Ерџан Селими и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски
Во селото Драчево, на територијата на Општина Кисела Вода, вчера беше означен почетокот на реконструкцијата на потпорните ѕидови и на регулирањето на коритото на реката Мала Рада.
Рехабилитацијата на бетонските профили и санацијата на потпорните косини ќе овозможат поголема пропусност на водотекот и значително ќе го намалат ризикот од поплави. Истовремено, со овој проект ќе се подобри урбаната слика на овој регион и ќе се создадат подобри услови за квалитетен живот.
На настанот во рамките на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, како и министерот за локална самоуправа – Златко Перински, министерот за животна средина – Изет Меџити, заменик-министерот за локална самоуправа – Ерџан Селими и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Реконструкција на потпорните ѕидови и регулирањето на коритото на реката Мала Рада, во должина од 2,5 километри и ширина 4 метри, изнесува 30.000.000 денари.
Како што истакна Мицкоски, ова е еден од четирите капитални проекти на Општина Кисела Вода што се реализираат со средства од државниот буџет, по првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините.
– Навистина ми претставува чест и задоволство што сум денес овде, со жителите во Кисела Вода, во ова населено место и нормално дека секогаш кога се гради, кога се создава, неминовно е чувството на радост и среќа. Нека им е со среќа и на мештаните, бидејќи за неколку месеци од денес, ова место ќе биде навистина убаво, пристојно место за ноќни прошетки, за дневни прошетки, дружење итн. – изјави Мицкоски.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, нагласи дека со овој проект се решава долгогодишниот проблем создаден од речното корито на Мала Рада во Драчево.
– Сега, со реализацијата на проектот, ќе ги превенираме и ќе ги елиминираме сите ризици и проблеми со кои долги години се доведуваше во прашање безбедноста на локалното население и на нивните имоти. Правиме важен чекор кон обезбедување стабилност и сигурност за граѓаните на Драчево, но и воопшто, за сите граѓани на Кисела Вода – наведе Перински.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изрази благодарност до Владата и до премиерот за одобрувањето средства за овој проект. Воедно, истакна дека, како дел од оваа целина, Општина Кисела Вода аплицира за изградба на пешачка патека од бехатон елементи покрај левата страна на реката Мала Рада, која ќе биде опремена со урбана опрема како клупи, канти за отпадоци и осветлена со канделабри.
– Ова ќе биде ново место каде што ќе може нашите граѓани да го поминуваат своето слободно време и да уживаат во природата. Со ова дополнување на проектот, се заокружува целокупниот процес на подобрување на инфраструктурата на овој дел од Општината – истакна Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека во рамките на новиот повик од Владата, Општина Кисела Вода веќе доставила шест целосно подготвени проекти и дека до крајот на рокот планира да достави вкупно 22 проекти.
– Во моментов, работиме на подготовка на техничката проектна документација за сите овие проекти, како и на реализација на претходно одобрените проекти, меѓу кои се реконструкцијата на патот до манастирот „Пеленица“ и реконструкцијата на улицата „Ѓорѓи Димитров“. Во тек е и тендерска постапка, по која започнуваме со доградба на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“. Со неа ќе се добијат шест нови училници со капацитет за 180 деца и ќе се овозможи едносменска настава – заклучи Ѓорѓиевски.
(А.П.)