Вкупно 1,8 милијарди евра се потрошени во третиот квартал лани за купување недвижности во Србија. Републичкиот геодетски завод регистрира голем раст на цените на квадратот, но и зголемена побарувачка.
Според податоците на РГЗ најскапи се недвижностите во Белград, каде што е продадена куќа за четири милиони евра, квадрат стан во Белград на Вода за 11.811 евра, но и гаражен простор на територијата на Врачар за фантастични 62.000 евра. Најголем износ издвоен за стан (со вкупна површина од 205 квадрати) е 1.356.888 евра, на локацијата Белград на Вода. За станови во Белград во третиот квартал од 2024 година се издвоени вкупно 526 милиони евра.
Пазарот на недвижности во Република Србија во третиот квартал од 2024 година бележи пораст на активноста, во однос на истиот период од претходната година, со пораст на пазарната вредност од 22% и пораст на бројот на трансакции од 6%, пишува „Блиц“.
Вкупната вредност на остварениот промет на пазарот на недвижности од 1,8 милијарди евра е реализирана преку 31.138 купопродажни договори. Најголемо учество во вкупниот промет на недвижен имот зазема продажбата на станови (1,02 милијарди евра), со учество од 59 отсто од вкупната вредност со која се тргува. За куќи се издвоени 153,4 милиони евра (9 отсто од вкупната вредност), за градежно земјиште 111,9 милиони евра (7 отсто од вкупната вредност), за земјоделско земјиште 74,9 милиони евра (4 отсто од вкупната вредност), а за деловен простор 64,9 милиони евра (4 отсто од вкупната вредност).
Во третиот квартал од 2024 година, бројот на купопродажни договори е значително зголемен во споредба со истиот период лани во Нови Сад (29,5 отсто), Ниш (29 отсто), Крагуевац (15,9 отсто) и Белград (13,1 отсто).