Најдобриот играч (МВП) од Светското првенство кое се одржа на Филипините, Денис Шредер, за само 24 часа беше трејдуван дури четири пати.
Денот го започна како играч на Голден стејт и иако се сомневаше дека може да биде трејдуван, сигурно не очекуваше дека тоа може да му се случи дури четири пати. Шредер првично отиде во Мајами како дел од трејдот со Џими Батлер, но Пет Рајли немаше намера да го задржи таму. Мајами веднаш реши да го испрати во Јута како дел од истиот трејд, но и во Солт Лејк не беа воодушевени од идејата Германецот да игра за нив. На крајот тој заврши во Детроит во последните часови од преодниот рок. Тој најверојатно ќе остане таму бидејќи тимот има многу проблеми со повредени бекови.
Инаку, посебно внимание привлече неговата изјава пред да започне трејдувањето, каде што остро ги критикуваше клубовите за тоа како работат со кошаркарите за време на размените.
- Трејдот е како модерно ропство. На крајот на краиштата, тоа е модерно ропство. Секој може да одлучи каде ќе одиш. Дури и кога имаш договор. Се разбира, заработуваме многу пари и можеме да ги прехраниме нашите семејства, но на крајот од денот тие само ви велат: „Не се враќаш утре на работа, ќе одиш таму“, говореше Шредер пред да му се случи сето ова.
Потоа, Германецот посочи дека мора да се променат некои работи кога е во прашање трејдот на играчи.
- Ако остане вака, мислам дека ќе мора да направиме нешто. На крајот, останете таму каде што најмногу ве ценат. Јас сум во лигата 12 години и кога луѓето те сакаат, се обидуваат да те натераат да се чувствуваш почитуван кога доаѓаш на работа, да те натераат да знаеш дека сакаат да бидеш таму. Ќе почнеме повторно да победуваме и да ја свртиме сезоната, се надевам дека не чека долг плејоф. Имам уште неколку сезони додека да се вратам во Германија, па секако дека одлично си поминувам овде, изјави Шредер пред неколку дена, а оттогаш се променија многу работи во неговата играчка кариера.