Општина Центар денеска ја започна третата акција за собирање кабаст отпад, која ќе трае до 20 април.
По успешните акции во февруари и март, жителите ќе можат бесплатно да го одложат отпадот во контејнерите за таа намена поставени на следниве локации: Дебар Маало – Парк (улица „Наум Наумовски Борче“ – кај Партизан), Дебар Маало (улица „Алберт Ајнштајн“ кај КСП – Центар Јадро), Буњаковец (улица „Киро Крстевски Платник“, кај кривината со улица „Рајко Жинзифов“), Буњаковец (на аголот на улиците „Борка Талевски“ и „Костурски херои“, Пролет (булевар „Крушевска Република“, спроти Веро Џамбо), и Водно (улица „Питу Гули“, кај кошаркарското игралиште).
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски апелираше да се продолжи со одговорното одлагање на овој вид отпад.
-Искористете ги поставените локации за да го направиме Центар почист и поурбан – порача Герасимовски.
Акцијата се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од Акцискиот план за чист воздух.
Паралелно, продолжува и големата кампања за чистење под мотото „Центар чисти, Центар не чека“.