Почна реконструкцијата на дел од локалниот пат Драчево – мотел „Китка“

42

Почна реконструкцијата на дел од локалниот пат Драчево –мотел „Китка“. Вкупната должина на овој локален пат во селото Студеничани е 840 метри.

Реконструкцијата на локалниот пат е проект од првиот јавен повик на Владата, во вредност од 63,5 милиони денари, од кои 59,2 милиони денари се обезбедени преку Mинистерството за транспорт, а 4,3 милиони денари со кофинансирање на Општината.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, истакна дека сè додека работат сите општински чинители за доброто на граѓаните, ќе има проекти што значат поквалитетен живот на граѓаните.

– И сè додека функционира сето ова вака како што функционира, ќе има проекти. Ќе има проекти што значат поквалитетен живот на граѓаните, покомфорен, поубав живот. Ние немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територија на Македонија, ќе инвестираме секаде – истакна Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, нагласи дека Министерството им дава силна поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Потенцира дека во Општина Студеничани, со средства од Министерството за транспорт, веќе работат на подобрување на локалните патишта во населените места и овие средства се надвор од оние 100 милиони евра што ги обезбеди Владата за сите општини, за реализација на капитални проекти.

– Оттука споделуваме две добри вести. Едната е дека привршуваме со реконструкцијата на локален пат во селото Студеничани, кој е со вкупна должина од 840 метри и второ, во тек е тендерска постапка во селото Моране за реконструкција и целосна изградба на нов пат во должина од 1,3 км. Двата проекти се реализираат со средствата што ги обезбеди Министерството за транспорт преку кредитот на Светска банка и ова е дополнително со поддршката што ја даде Владата минатата година, а и оваа година, исто така, ќе дава силна поддршка за општините во годините што доаѓаат – рече Николоски.

 

ИЗДВОЕНИ