Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска, во рамки на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“присуствуваа на отпочнување со реализација на неколку проекти во општина Илинден.
Станува збор за изградба на сервисна улица „19“ во УП за село Илинден, Марино и делот од КО Кадино Блок 32, изградба на улица 500 и армирано бетонски плочест мост над одводен канал кај меморијален центар во населба Јака, населено место Марино и изградба на дел од новопроектирана улица „20“ во населено место Јака.
– Кога се гради нешто е навистина убаво. Ние ќе продолжиме да градиме и понатаму, бидејќи тоа е суштината на едно политичко функционирање, да создавате, а не да уништувате. Таа е нашата филозофија и така и ќе продолжиме да се однесуваме – истакна Мицкоски при вчерашната посета на општина Илинден.
Тој напомена дека во населеното место Јака се вложени неколку милиони евра.
– Луѓето купуваа плацови, градеа куќи, но немаше ниту вода, немаше ниту канализација, ниту пат, ниту било какви основни услови за живот. Сега гледаме дека сето тоа станува реалност и ова навистина заличува на една убаво, пристојно место за живеење, кое од ден на ден ја зголемува својата бројност. И јас навистина посакувам уште многу вакви успешни проекти низ целата држава – заклучи Мицкоски.
Министерот Перински појасни дека овие проекти ќе имаат значајно влијание врз развојот на општината и ќе го подобрат секојдневниот живот на жителите во брзо растечката населба Јака.
-Со нивната реализација, ќе се подобри пристапноста и безбедноста во ова подрачје, што ќе придонесе за подобри услови за движење на граѓаните и олеснет транспорт. Ова е уште еден пример за конкретни инвестиции кои носат директни придобивки за локалната заедница – нагласи Перински.
Премиерот Мицкоски и министерот Перински претходно одржаа работна средба со градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и членовите на општинскиот совет, како и со заинтересирани граѓани од општината кои имаа прашања, предлози и сугестии кои би се искористиле во насока на подобрување на квалитетот на секојдневието во Илинден.
(А.П.)