Жителите на Радишани ќе добијат мегапарк, плоштад и пешачка патека. Денеска, во рамките на теренските посети „Каде што срцето е дома“, беше означен почетокот на градежните работи во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, заменикот на претседателот на Владата и министер за транспорт – Александар Николоски, министерот за локална самоуправа – Златко Перински, заменик-министерот за локална самоуправа – Ерџан Селими и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
Градоначалникот Костовски истакна дека овој проект ќе се реализира во наредните 12 месеци, благодарение на поддршката од Владата. Предвидена е урбанизација на простор од 10.000 квадратни метри, од кои 6.000 квадратни метри ќе бидат зеленило, а на површина од 4.000 квадратни метри ќе се изгради плоштад на кој ќе има големо детско игралиште со модерни реквизити и мека подлога, но и пешачки патеки, односно тоа ќе биде катче за рекреација за сите генерации. Целиот парк ќе биде осветлен со ЛЕД- осветлување.
Премиерот Мицкоски, како и министрите Николоски и Перински, најавија дека поддршката на Општина Бутел, но и на сите други општини во земјава, ќе продолжи со зголемен интензитет.
– Овој мегапарк е еден од дванаесетте проекти од првиот владин повик, а Бутел досега има поднесено 14 проекти на вториот повик и се надевам дека ќе поднесе уште минимум толку во периодот што следува – истакна Перински.
Министерот за транспорт, Николоски, додаде дека директната помош на општините ќе продолжи не само преку владиниот повик за поддршка на проекти туку и со кредитна линија преку Светска банка.
– Општина Бутел, со сите проекти што се реализираат и ќе се реализираат, доживува период на преродба. Нè чека уште многу работа, уште да се изгради. Оваа Влада, со оваа локална самоуправа, има амбиција да гради и така ќе продолжи и во иднина – нагласи премиерот.
(А. П.)