Почна доградувањето на затворениот базен во Штип

28

По неколкугодишен застој, почна доградувањето на затворениот базен во Штип, но со нов економски оператор. Министерот за спорт, Борко Ристовски, вели дека ги прават сите напори за да се заврши изградбата на затворените базени во земјава.

– Задоволството е големо, затоа што крајни корисници ќе бидат дечињата, пливачките школи, граѓаните на Општина Штип. Во координација сме со економскиот оператор за да биде завршен овој базен до крајот на следните два месеци и до почетокот на пливачката сезона да биде пуштен во употреба за сите дечиња од училиштата, но и за сите рекреативци и од пливачките школи, кои, на крајот, имаат корист од сето ова – истакна Ристовски.

Тој додаде дека сите овие заостанати проекти ќе се завршат. Досега, од 14 затворени базени во државата, е завршен само еден, во Општина Тетово. Економскиот оператор со кој е постигнат договор, до крајот на летото треба да заврши пет базени, меѓу кои и оној во Штип.

– Со другите економски оператори, кои ги имаат добиено другите базени, ќе разговараме. Еднаш веќе имавме состанок, а во наредниот период ќе имаме уште еден состанок за да ги „испегламе“ сите оние недостатоци што ги има од проектирање до финансиски застој. На луѓето не им било плаќано до реализација, има многу работи што треба да се решат – објасни Ристовски.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, верува дека во наредните месеци ќе успеат да ја довршат изградбата на овој базен и дека тој да биде ставен во употреба за граѓаните. Димензиите на овој базен ќе бидат 25 метри должина и девет метри ширина. Неговата изградба почна во февруари 2020 година.

ИЗДВОЕНИ