Владата објави јавен повик на кои може да аплицираат општините за инфраструктурни, капитални проекти. Како што се наведува во соопштението од Владата, ова е историски највисок инвестициски циклус, кој го прави централната власт за поддршка на локалните самоуправи.

– Со овие пари ќе се реализираат нови градинки, училишта, улици, атмосферски и фекални канализации, спортски сали, водоводни мрежи и други проекти. Во ситуација кога гледаме и затекуваме разурнати, задолжени, ограбени институции и државна каса со која недомаќински е располагано, Владата сега, со јасен план и концепт за развој, пристапува и нуди решенија во еден од најобемните инфраструктурни потфати во историјата на земјата – велат од Владата, нагласуваат дека овие проекти се достапни за сите граѓани и ги повикуваат сите општини да аплицираат на јавниот повик.

Заинтересираните корисници ќе ги поднесуваат апликативните формулари до Министерството за локална самоуправа – Комисија за постапување за овој јавен повик, во рок од седум дена од денот на објавувањето на овој повик.

– Комисијата врши прибирање на апликативните формулари што заинтересираните корисници ги доставуваат до Министерството за локална самоуправа. Потребно е заинтересираните корисници да ја достават комплетната проектна документација во однос на апликативниот формулар до надлежното министерство, во рок 10 дена од денот на доставувањето на апликативниот формулар до Министерството за локална самоуправа – објаснуваат од Владата.