На 86-годишна возраст почина Олег Гордијевски, долгогодишен двоен агент на КГБ, кој пребегна во Велика Британија.
Според британските медиуми, тој важеше за највредниот британски шпион во рамките на руските разузнавачки служби.
Контратерористичката полиција и помага на судскиот совет, но смртта не се третира како сомнителна. Би-би-си јавува дека Гордијевски починал мирно во својот дом во Сари.
Гордијевски бил полковник во КГБ и поминал години како двоен агент пренесувајќи клучни информации до британските служби МИ6 и МИ5.
Од 1985 година живеел во Годалминг под полициска заштита откако Москва се сомневала во него. Потоа за влакно избегна апсење, судење и егзекуција и успеа да побегне скриен во багажникот на автомобил преку границата со Финска.
Две години претходно, додека беше главен шеф на советската разузнавачка мрежа (КГБ) во Лондон во екот на Студената војна, тој ги предупреди британските агенти со кои соработуваше дека Москва станала толку параноична и убедена дека Западот планира ненадеен напад и Советскиот Сојуз почнал да подготвува превентивен напад.
Неговото предупредување доведе до тоа НАТО да ја намали воената вежба со кодно име Able Archer и беше избегната голема криза.
Во 2007 година, кралицата Елизабета Втора го одликувала со високо британско одликување, Орден на Свети Мајкл и Свети Џорџ, истиот што го носел фиктивниот агент Џејмс Бонд.
Информациите што Гордијевски им ги пренел на британските власти доведоа до протерување на 25 советски агенти од Обединетото Кралство.
Неговото бегство од Русија беше наречено „многу значаен успех за безбедносните служби“ од тогашниот министер за надворешни работи, Сер Џефри Хау.
После тоа, Гордијевски напиша неколку книги за работата и методите на КГБ.