Тажно. Во одлично сеќавање ни е и настапот на „Нови фосили“ на „Скопскиот фестивал `78“, со незаборавната „Девојче Македонче“. Свое длабоко сочувство изрази и пејачката на бендот, популарната Сања Долежал, која токму со Маринко и групата, во април минатата година, имаше успешен (и последен) концерт пред скопската публика, во Македонската филхармонија
Басистот и основач на легендарната поп-група „Нови фосили“, Маринко Колнаго, почина завчера, по кратко и тешко боледување, на 83-годишна возраст. Групата има реализирано огромен број хитови, кои и денес насекаде се пеат, од Вардар до Триглав: „Е, мој Саша, гдје је љубав наша“, „Ја сам за плес“ (од евровизискиот фестивал), „Плови мала барка“, „Милена генерацијо“, „Шути, мој дјечаче плави“, „Диридонда“, „Да те не волим“, „Било ми је први пут“, „Сањај ме“, „Нека вали гинголају своје барке“, „Ја сам шеф“… и, секако, најголемиот нивен хит – „За добра, добра стара времена“. Маринко е роден 1942 година, во Загреб. Тој пораснал во мешано семејство. Неговата мајка, Зора, била Русинка од Санкт Петербург, балерина и кореограф, а татко му, Феранте Колнаго, бил Италијанец од Сплит и успешен фудбалер на „Хајдук“, но и фудбалски репрезентативец на Југославија. По Втората светска војна, живееле во Задар, а Маринко често ги споменуваше тешките повоени денови на гладот. Откако се развеле неговите родители, тој се преселил со мајка си во Вараждин, каде што од синот на станодавецот научил да свири на гитара. Групата го добила тоа необично име – „Нови фосили“, всушност, по идеја на славниот Арсен Дедиќ, иако тој никогаш не напишал песна за неа.
– Драги наши, со голема тага соопштуваме дека нè напушти добриот дух на „Фосили“, нашиот драг Маринко. Бескрајно ќе ни недостига. Маринко, засекогаш си во нашите срца – се наведува во објавата од членовите на бендот.
Свое длабоко сочувство изрази и пејачката на бендот, популарната Сања Долежал, која токму со Маринко и групата, во април минатата година, имаше успешен (и последен) концерт пред скопската публика, во Македонската филхармонија. Секако дека во одлично сеќавање ни е и настапот на „Нови фосили“ на „Скопскиот фестивал `78“, со незаборавната „Девојче Македонче“.
Маринко уште во далечната 1969 година започна со „Нови фосили“. Неговиот животен и музички пат беше нераскинливо поврзан со подемите, падовите, љубовите…на бендот. И тогаш кога почина еден од столбовите на „Нови фосили“, хитмејкерот Рајко Дујмиќ, групата собра сила да продолжи понатаму.
Одличната пејачка Ѓурѓица Милиќевиќ-Барловиќ ја „размрда“ првата машка постава на бендот во 1976 година, но почина по неколку години. На нејзино место дојде, исто така, одличната и секогаш танцувачки расположена русокосата, Сања Долежал. Групата често пати беше споредувана со легендарниот шведски квартет АББА, како тогашно нивно југословенско издание. (Д. М.) фото:архива