Дејвид Линч, култниот американскиот режисер чии дела ги вклучуваат надреалистичките класици, филмот „Мулхоланд драјв“ (Mulholland Drive) и серијата „Твин Пикс“ (Twin Peaks), почина на 78-годишна возраст.

Веста за смртта на Линч (1946-2025) беше објавена од неговото семејство, во четвртокот. „Постои голема дупка во светот сега, кога веќе не е тој со нас. Но, како што би рекол тој: „Внимавајте на крофната, а не на дупката“, се вели во објавата. Како што пренесува Би-би-си, Линч во август минатата година открил дека се борел со емфизем, хронично заболување на белите дробови, од „многугодишното пушење“.

Многумина го сметаа за необичен филмаџија. Тој доби три номинации за „Оскар“ за најдобар режисер во текот на својата кариера за работата на филмовите „Син сомот“ (Blue Velvet), „Човекот слон“ (The Elephant Man) и „Мулхоланд драјв“.

„Мулхоланд драјв“

Наоми Вотс, која глумеше во „Мулхоланд драјв“, по повод неговата смрт изјави дека светот нема да биде ист без него. „Неговото креативно менторство беше навистина моќно. Не влијаеше само неговата уметност на мене – неговите мудрост, хумор и љубов ми дадоа чувство на верба во себе, кое никогаш не сум го имала“.

Негов последен голем проект беше третата сезона на „Твин Пикс: Враќање“ (Twin Peaks: The Return), која беше емитувана во 2017 година, и ја продолжи култната ТВ-серија што се емитуваше две сезони, во раните 1990-ти. „Дејвид беше во согласност со универзумот и неговата сопствена имагинација на ниво, што се чини дека е најдобро за човекот. Тој не беше заинтересиран за одговори, бидејќи разбра дека прашањата се поттикот што нè прави тоа што сме“, напиша актерот Кајл Меклахлан, кој глумеше во многу проекти на Линч, вклучувајќи го и „Твин Пикс“. Тој го опиша Линч како „енигматичен и интуитивен човек“ и додаде: „Мојот свет е пополн затоа што го познавав и многу попразен сега, кога го нема“.

„Твин Пикс“

Лара Флин Бојл, која ја толкуваше улогата на Дона Хејворд во „Твин Пикс“, го опиша како „вистински Вили Вонка во правењето филмови“.

Патриша Аркет, пак, која играше во нео-ноар трилерот „Изгубен автопат“ (Lost Highway) од 1997 година, изјави дека „нема никој како него“.

Линч ја освои престижната „Златна палма“ на Филмскиот фестивал во Кан за „Диви во срцето“ (Wild at Heart), во 1990 година.

„Диви во срцето“

Ѕвездата на тој филм, Николас Кејџ, изјави дека тој е една од главните причини поради кои се вљубил во киното и снимањето филмови. „Тој беше единствен во својот вид. Не може да се замени.“

Колегата филмски режисер, Стивен Спилберг, пак, рече дека е „единствен, визионерски сонувач, кој режирал филмови што се чувствуваат како рачно изработени“. „На светот ќе му недостига таков оригинален и уникатен глас“, додаде Спилберг.

Режисерот Рон Хауард, пак, го нарече „бестрашен уметник, кој ги следеше своите срце и душа и докажа дека радикалното експериментирање може да донесе незаборавно кино“.

ИЗДВОЕНИ