На 78-годишна возраст, на 26 јануари, почина Константин Коце Икономов – гитаристот на култните македонски групи „Безимени“ и „Бис-без“ и долгогодишен член на Ревискиот оркестар на МРТ. Икономов беше роден 1946 година.

Коце Икономов важи за еден од основоположниците на македонската рок-сцена. Како гитарист и клавијатурист членува во неколку од првите култни македонски бендови, меѓу кои секако се групите „Безимени“ од чија фузија со „Бисери“ ќе настане легендарната група „Бис-без“, каде еден од основоположниците е и самиот Икономов.

„Бис-без“ е рок-група создадена во 1964 година во Скопје, под силно влијание на легендарните „Битлси“. Создале многу хитови од кои најзапаметена е секако легендарната композиција „Дал да плачам ил да пеам?“, која ќе остане евергрин, како рок класик за вечен спомен на едно време.

„Бис-без“ ќе бидат едни од првите наши рок-групи кои ќе го ползуваат македонскиот фолклор, стилизиран во рокенрол-музиката во Македонија.

Коце Икономов иако со формално високо музичко образование ќе биде примен во Ревискиот оркестар на МРТ уште од неговите сами почетоци, каде што ќе остане како долгогодишен член сè до своето пензионирање, свирејќи на бас-гитара.

Тој не беше само извонреден музичар, туку и композитор и аранжер. По неговите стапки ќе тргнат и неговите синови, кои денес се исто така истакнати македонски музичари.

Во 2006 година, Икономов доби „Златна бубамара“ на популарноста за животно дело.

Константин Коце Икономов инаку е чичко на Апостол Поце Икономов, пејачот на исто така денес легендарната македонска поп-рок група „Меморија“.

ИЗДВОЕНИ