Почина деверот на нашата Љупка Димитровска – хитмејкерот Стипица Калоѓера  

55

Стјепан Стипица Калоѓера, еден од најзначајните  композитори, аранжери, диригенти и продуценти од просторите на поранешната Југославија, почина завчера на 90-годишната возраст. Роден е во Белград, а животот го поминува во Загреб. Инаку, тој беше девер на нашата позната поп-пејачка Љупка Димитровска, а роден брат на Никица Калоѓера, сопругот  на Љупка.                                                                          Уште од најраната младост покажува исклучителна заинтересираност за музика.  Во Загреб почнал да свири на виолина, а подоцна и на труба и пијано. Во 1962 година дипломирал на Медицинскиот факултет. И покрај оваа докторска титула, како и брат му Никица, тој сепак максимално ѝ се посветува на забавната музиката.

Тоа и практично го докажува со песните за многу популарни пејачи: Тереза Кесовија, Габи Новак, Зафир Хаџиманов, Мишо Ковач, Мери Цетиниќ, Оливер Драгојевиќ, Арсен Дедиќ, Киќо Слабинац, Ѓорѓи Перузовиќ, Кемал Монтено, Радојка Шверко,  Дорис Драговиќ….Тие  ги испеаја хитовите што тој им ги напишал, како на пример: „Вино и гитаре“, „Цесарица“, „Вјеруј ми“, „Ча је било тега више ни“, „Твојих пола сата“, „Добра вечер, драга“, „Вратио сам се, животе“, „Љубав је јача и од самога живота“, „Твоја барка мала“, „Адио“, „Лудо море“, „Ти си та коју не познајем“, „Послије кише је сунце“….                                                                                                                  Беше во вториот брак со некогашната пејачка Марушка Калоѓера, со која како автор, победува на „Сплитскиот фестивал“ во далечната 1973 година со далматинската песна “Ча је било тега више ни“ (Тоа што беше веќе го нема). Првата сопруга му беше популарната Габи Новак, но со неа во брак остана само осум години. Пријателски се разделија, но продолжија само музички да соработуваат.

Беше и успешен член на Танцовиот оркестар на Радио-Загреб (денешниот Биг-Бенд на ХРТ). Во тој оркестар бил трубач, потоа пијанист, а од 1991 до 1993 година и како музички продуцент. За време на својата богата музичка кариера, Стипица  компонираше и аранжираше повеќе од 4.000 дела за најразлични музички ансамбли.   Д.М.

 

ИЗДВОЕНИ