Министерството за здравство информира дека согласно информации од Воено Медицинската Академија во Белград, денеска претпладне им подлегна на повредите Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година.
Информираат дека станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Воено Медицинската Академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец.
„Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад. Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба“ информираа од МЗ.
Министерството за здравство изрази најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани.