До крајот на неделава ќе биде објавен огласот за избор на концесионер на комплексот „Македонско село“, што се наоѓа на падините на Водно, кај селото Нерези. Според директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски, огласот ќе биде поделен на четири дела. Тој објасни дека на огласот може да се јави еден концесионер за сите делови или, пак, да бидат повеќе односно четворица, за секој дел по еден.
– Првиот дел би биле три куќарки, вториот, исто така три и третиот дел три куќарки, додека четвртиот три ресторани. Така, практично ќе можат да конкурираат различни концесионери кои би направиле закуп. На тој начин би се зголемила конкуренцијата и би се добила повисока цена – објаснува Томовски.
Тој додава дека доколку еден економски оператор би ги закупил сите четири дела, во тој случај почетната цена на закупот би била 240.000 денари месечно или околу 4.000 евра. Изборот ќе се изврши по пат на електронско наддавање преку Министерството за финансии. Договорот ќе се склучи на 15 години и ќе има соодветна банкарска гаранција, со цел, како што кажа Томовски да се има сигурност оти економскиот оператор ќе биде сериозен.
Како што истакна Томовски има заинтересирани за закуп на комплексот „Македонско село“.
– Од телефонските повици што ги имав, би можел да кажам дека има сериозни луѓе кои се заинтересирани, но во овој момент не би сакал да кажувам имиња – дециден е Томовски.
Од овој период до мај, избраниот или избраните економски оператори нема да плаќаат закупнина. Тоа ќе биде како еден вид грејс-период да се извршат реновирања, поправки, за од јуни да почнат со плаќање.
Изградбата на Македонско село почна во 2011 година, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016 година. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.
Хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на екс-градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, во јануари 2016 година го добија под концесија од 20 години за месечна кирија од 3.500 евра. Во октомври 2018, престанаа со работа бидејќи, како што соопштија, работеле со загуба и дека таква опција имале во договорот.
(А.П.)