ЦАРИНСКИТЕ ПОЛИТИКИ ОПАСНИ ЗА ЕУ: Победата на Трамп секое чешко семејство ќе ја плаќа со 3.700 евра годишно

70

Чешкиот весник „Млада фронта“ пресметал дека новите американски царински политики кои ги најави Трамп во 2027 година ќе го намалат БДП на Чешка за 3,5 проценти, односно за 11,61 милијарда евра, а секое домаќинство ќе губи по 3.700 евра годишно. Во својата анализа весникот тргнува од неодамнешниот извештај на Конфедерацијата на данската индустрија, според кој воведувањето царини од 10 отсто за увоз во САД и 60 отсто за увоз на стоки и услуги од Кина, за ЕУ ​​би значело 2,5 отсто помал раст на БДП и загуба на милиони работни места, царинската војна и турбуленциите во меѓународната трговија ќе влијаат и на самите САД

 

Големото враќање на Доналд Трамп во Белата куќа ја стави Европската Унија во исчекување што ќе донесат новите американски економски политики.

Официјалните резултати од американските избори ќе се објават на 6 јануари и тогаш може да се очекува инаугурацијата на Трамп. Но во Европа пресметките веќе се направени, а тие покажуваат дека победата на Трамп најскапо ќе ја платат Чешка и Ирска.

Чешкиот весник Млада фронта днес пресметал дека новите американски царински политики кои ги најави Трамп во 2027 година ќе го намалат БДП на Чешка за 3,5 проценти, односно за 11,61 милијарда евра, а секое домаќинство ќе губи по 3.700 евра годишно.

Во својата анализа весникот тргнува од неодамнешниот извештај на Конфедерацијата на данската индустрија, според кој воведувањето царини од 10 отсто за увоз во САД и 60 отсто за увоз на стоки и услуги од Кина, за ЕУ ​​би значело 2,5 отсто помал раст на БДП и загуба на милиони работни места.

Конкретно, ако  во првата година од мандатот Трамп воведе такви царини, а ЕУ реагира со царини за увоз од САД, во 2027 година бруто домашниот производ на ЕУ ќе биде помал за 391 милијарда евра, вработеноста би се намалила за 0,7 отсто, што значи загуба од 1,7 милиони работни места.

Според тие пресметки, вработеноста во ЕУ треба да се врати на сегашното ниво во 2029 година, но и тогаш БДП би бил за 1,7 отсто помал, отколку без царини.

Во данскиот извештај се проценува дека Ирска ќе биде најмногу погодена во ЕУ поради нејзините врски со САД, а Чешка поради нејзината отворена извозна мала економија и зависноста од Кина, иако тоа оди индиректно, преку Германија.

Во Чешка, со население од 11 милиони, царините на Трамп ќе резултираат со губење на 55.000 работни места и 3.700 евра помал приход годишно за просечно четиричлено домаќинство во 2027 година. Парадоксално е тоа што тој проблем ќе треба да го решава идната популистичка чешка влада, која навиваше Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.

Поранешниот чешки претседател Милош Земан и поранешниот премиер Андреј Бабиш, за кој има изгледи да се врати на власт следната есен, ја поздравија победата на Трамп не само поради блискоста со него во разбирањето на функционирањето на демократијата, туку и со надеж дека тој ќе донесе економско подобрување на Чешка. Очекуваат и да не се имплементираат зелениот договор и скапите мерки што би требало да ги воведе чешката економија поради амбициозните климатски цели.

Царинската војна и турбуленциите во меѓународната трговија ќе влијаат и на самите САД, не само поради одмаздничките царини што би ги вовеле земјите и зголемувањето на цената на стоките за американскиот потрошувач, туку и поради тоа што воведувањето царини на глобално ниво би ги принудило компаниите да го преселат производството таму каде што тоа не е економски оптимално.

ИЗДВОЕНИ