Победата на екстремно десната АДФ во Тирингија казна за власта и пресуда за германската економија?

428

Со доволен број пратеници во регионалниот парламент во Тирингија, каде што е нејзиниот најекстремен претставник Бјерн Хеке, партијата би можела да ги блокира одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство, како и назначувањето на судии и високи безбедносни функционери. Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), за „Дојче веле“ потсетува дека АфД е за протекционизам и оддалечување од ЕУ, како и за помала  имиграција на квалификувани работници и помала отвореност и различност. Ова, смета тој, најверојатно ќе доведе до егзодус на компании и квалификувани работници

Дали екстремната десница чекор по чекор тргна во освојување на власта во Германија. Ова прашање се поставува откако Алтернатива за Германија (АФД), партија со таква ориентација за првпат по Втората светска војна победи на избори. Тоа се случи викендов на покраинските избори, кога во Тирингија оваа партија освои најмногу гласови.

Во оваа покраина АФД доби 33,2 проценти од гласовите, пред конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која со 23,6 отсто е втора. Стравот од осилувањето на десничарите го зголемува и тоа што во Саксонија АФД имаше втор резултат.

Со доволен број пратеници во регионалниот парламент во Тирингија, каде што е нејзиниот најекстремен претставник Бјерн Хеке, партијата би можела да ги блокира одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство, како и назначувањето на судии и високи безбедносни функционери.

Во Саксонија, ЦДУ, која таму владее веќе 34 години има предност од само 1,1 процент пред АФД. Германскиот канцелар Олаф Шолц ги нарече „горчливи“ овие резултати.

– Резултатите од изборите се горчливи и за нас. Нашата земја не може и не смее да се навикне на ова. АфД ѝ штети на Германија. Ја ослабува економијата, го дели општеството и го уништува угледот на нашата земја, рече тој нагласувајќи дека се обраќа од позиција на претставник на неговите централнолевичарски социјалдемократи (СПД).

Досега париите одбиваа да соработуваат со АФД за формирање мнозинство, а Шолц ги повика и сега да продолжат со таа практика.

Оваа прва победа на десницата се смета како казна за коалицијата на Шолц од која граѓаните се незадоволни.

– Ова е реквием за коалицијата, која треба да се запраша дали воопшто може да продолжи да владее – рече копретседателката на АфД, Алиса Вајдел.

Стравот од осилување на десницата во власта е подгреан од тоа што овие покраински избори се нешто како тест за националните избори што ќе се одржат за една година, иако во двете покраини во кои на изборите се истакнаа десничарите живее помалку од осум проценти од вкупната популација во Германија. Она на што АФД улови најмногу гласови е антимигрантската политика. Поради тоа, мигранти во Тирингија и Саксонија веќе ги пакуваат куферите.

-Се смета дека токму неодамнешниот пораст на бројот на азиланти ги турка европските гласачи во рацете на сега веќе етаблираните популистички и екстремно десничарски партии, како што е случајот во Германија, пишува Дојче веле.

Според овој медиум во Германија владее загриженост за економијата по овие резултати. Уште пред изборите во Саксонија и Тирингија многу претставници на синдикатот и бизнисот предупредувале на последиците од успехот на АфД, на пример дека може да се обесхрабрат инвеститорите. По објавувањето на изборните резултати, многу деловни луѓе предупредуваат дека проблемот со недостигот на квалификувани работници ќе се влоши, а сметаат дека може да дојде до егзодус на компании кои работат во Саксонија и Тирингија.

-Недостигот од квалификувани работници што веќе постои ќе стане уште полош, изјавува за Дојче Веле економистката Моника Шницер  и додава дека со оглед на ставот на АфД кон имигрантите, отфрлањето на квалификуваната имиграција испраќа погрешен сигнал, бидејќи ќе ги одврати квалификуваните работници да ги гледаат овие германски покраини како опција за доселување.

Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), за истиот медиум потсетува дека АфД е за протекционизам и оддалечување од ЕУ, како и за помала  имиграција на квалификувани работници и помала отвореност и различност. Ова, смета тој, најверојатно ќе доведе до егзодус на компании и квалификувани работници.

Се наведува и дека ќе има проблеми со фабриките за чипови зашто без квалификувани работници од странство нема да може да се  управува со тие планирани фабрики во Саксонија.

Едно истражување покажа дека АФД е најпопуларна партија за  младите гласачи на возраст меѓу 18 и 24 години. Оттука дел од германските медиуми успехот на АФД го поврзуваат со „Тик ток“, популарна мрежа меѓу младите, на која оваа партија имала силно присуство.