ПОБАРАНА ИСТРАГА ПРОТИВ ТИКТОК: Платформата обвинета за влијание врз резултатот од изборите во Романија, младите на улица

31

Романскиот национален совет за радиодифузија бара од Европската комисија да започне официјална истрага за апликацијата TikTok и можната злоупотреба на платформата, што му даде водство на малку познатиот политичар од екстремната десница, Калин Џордеску, во првиот круг од претседателски избори, пренесува Диги24.

Заменик-претседателот на Националниот совет за радиодифузија, Валентин Александру Жукан, истакна дека кампањата на платформата користејќи координирани сметки и зголемување на видливоста на содржината преку алгоритми е веројатно еден од клучните фактори за сензационалниот резултат на досега малку познатиот Џордеску.

– Овие постапки покренаа сомнежи за манипулација со јавното мислење, поради злоупотреба на платформата ТикТок и нетранспарентност во управувањето со политичките содржини – рече тој.

Жукан потсети дека Европскиот закон за дигитални услуги налага особено големите платформи да ги проценат системските ризици кои можат да произлезат од функционирањето на услугата, што, меѓу другото, го вклучува и можното влијание врз демократските процеси.

– Алгоритмите на TikTok ја водеа содржината на кампањата во корист на одреден кандидат, создавајќи нерамнотежа во изборната конкуренција… Не беа презентирани никакви мерки за проценка или ублажување на овој ризик – рече Жукан.

Тој смета дека факторот TikTok има значително влијание врз првиот круг од претседателските избори во Романија, бидејќи платформата придонесе за создавање на неправедна предност за еден кандидат, манипулација на јавното мислење преку неетикетирани содржини и искористување на младите корисници, кои го сочинуваат мнозинството од публиката (8,9 милиони во Романија). За Ѓорѓеску гласале 31 отсто од луѓето на возраст од 18 до 24 години.

На 26 ноември во романските градови се одржаа младински протести против екстремно десничарскиот претседателски кандидат.