53-годишна жена од Охрид пријавила во полиција дека била измамена за сума од 300.000 денари. Според нејзината изјава, пред две недели добила телефонски повик од лице кое ѝ соопштило дека поради наводно зголемување на вредноста на биткоинот, нејзината претходна уплата од 250 евра значително се зголемила и во нејзиниот електронски паричник сега имало 16.500 долари.
Побарал од охриѓанката да преземе мобилна апликација и да има достапни пари на својата трансакциска сметка за да може да ги подигне средствата. Подведена од ветувањето за големата добивка, оштетената ја инсталирала апликацијата и подигнала брз кредит. По некое време, откако посетила банка, дознала дека парите од нејзината сметка биле префрлени на сметка на друго лице, по што сфатила дека станала жртва на измама.
Полицијата ги предупредува да бидат внимателни со непознати повици и трансакции преку интернет, особено кога станува збор за ветувања за брзи добивки.