По заканите за БОЈКОТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, Мицкоски им врати на „Интегративците“: Со уцени не се води политика!

70
Според премиерот, во редовите на ДУИ има страв и паника, а ексминистерот за надворешни работи директно се меша во правосудниот систем, што е спротивно од демократиите во современото општество. „Политиката се води на маса, се седнува и се разговара и се знае кои услови треба да се исполнат во текот на изборниот процес. А сега нешто лично, лична порака до ДУИ: Човекот што преговараше и го распродаваше мојот македонски идентитет, мојот македонски јазик, има најмалку кредибилитет да зборува за тоа, затоа што ако не ме почитува мене, не го почитува ни својот мајчин албански јазик – порача македонскиот премиер.

 

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, нема кредибилитет да зборува за одлучувањето на Уставниот суд за Законот за употребата на јазиците, а неговите изјави се директно и недемократско мешање во правосудниот систем. Ваков став вчера искажа македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, по изјавите на Османи и на лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети. Првите луѓе на „интегративците“ деновиве изјавија дека е на повидок длабока политичка криза во државата доколку не се врати балансерот и ако со одлука на Уставниот суд се загрози употребата на албанскиот јазик. Во тој случај, како што рекоа Ахмети и Османи, ќе ги бојкотираат и ќе го попречат одржувањето на локалните избори.

Мицкоски на новинарско прашање врзано за најавите на Ахмети и на Османи одговори дека Османи директно се меша во правосудниот систем, што, како што вели, е спротивно од демократиите во современото општество, а уште повеќе со европските демократски вредности.

– Ја слушнав вчера изјавата на Бујар Османи, во својство на потпретседател на ДУИ. Претпоставувам дека е координирана со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Затоа што ако не е координирана, тогаш претпоставувам дека претседателот го укорил својот потпретседател бидејќи му нанесува непоправлива штета по две основи. Првата основа е директно мешање во правосудниот систем на државата, а што е спротивно на какви било демократски европски вредности – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека на истата тема разговарал со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски по неговите средби со дел од претставниците на меѓународната заедница во државата и надвор од неа.

– Дел од нив рекле дека и лично разговарале со претставници на ДУИ и дека тоа предизвикало големо разочарување кај нив, бидејќи еден од основните постулати во демократијата е немешањето во правосудниот систем на една суверена држава. Тоа не може да бидат услови, тоа не може да биде начин на кој се води политика. Политиката се води на маса, се седнува и се разговара и се знае кои услови треба да се исполнат во текот на изборниот процес. А сега нешто лично, лична порака до ДУИ: Човекот што преговараше и го распродаваше мојот македонски идентитет, мојот македонски јазик, има најмалку кредибилитет да зборува за тоа, затоа што ако не ме почитува мене, не го почитува ни својот мајчин албански јазик – потенцира македонскиот премиер.

Во однос на најавата за бојкот и блокирање на есенските локални избори, Мицкоски рече дека е очигледно дека има страв и паника во редовите на ДУИ.

– Секој има право на избор како ќе функционира политички. Тоа е нивни избор. Државата има институции, има Влада, која функционира. ДУИ функционираше дваесет и кусур години во Владата, ги погази сите принципи, беше пример за двојни стандарди. Во последните години, беше пример за основани сомневања за криминал и корупција. Мислам дека таму владее паника и страв, а што се гледа од коментарите на членовите на ДУИ. За што станува збор, многу скоро ќе биде јасно – нагласи претседателот на Владата.

Инаку, ексминистерот за надворешни работи, Османи во телевизиско интервју, во пресрет на јавната расправа пред Уставниот суд околу Законот за употребата на јазиците, рече дека „Албанците се деградирани и дека може да дојде до сериозна политичка криза“. Според него, не може да се одржат избори во сегашните услови.

– Не се работи за ДУИ. Албанците нема да го дозволат тоа. Нема да дозволите утре да дојдете на работа како ништо да не било, бидејќи тоа е морална, национална и човечка обврска кон оние што ги дадоа своите животи за овој јазик. И дали ќе се однесуваме како ништо да не се случило? Претседателот на Уставниот суд донесе одлука, утре одиме во град на кафе, па ќе одиме во кампања за општини? Затоа велам, длабока политичка криза, која не може да продолжи на ист начин, без да се седне и да се разговара што да се прави со Охридскиот договор, без да се врати балансерот, без да се врати Бадентер, легитимитетот и без да се гарантира јазикот, нема да има политика како што е вообичаено – потенцираше Османи.

Лидерот на ДУИ, Ахмети, пак, на партискиот собир во Липково, се закани дека може да нема локални избори.

– Ако го допрат Законот за јазиците, нема да има локални избори, нема да може да се постават гласачки кутии. Законот не е на ДУИ. Законот е и на оние што ќе се родат додека изгрее сонцето. Затоа секој Албанец мора да стане господар на правото на јазикот, ниту да го политизира ниту да го проблематизира – изјави Ахмети. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ