Фридрих Мерц, лидерот на ЦДУ и веројатно следен канцелар, најави дека кога ќе дојде на власт, Германија ќе ја затвори вратата за барателите на азил, дури и ако се потребни гласовите на десничарската АфД за да се изгласаат овие мерки во парламентот. Мерц најави дека до Бундестагот ќе достави „предлози за заострување на мигрантската политика, кои се исклучиво во согласност со нашите ставови, без разлика кој се согласува со нив“.
Доколку биде избран за канцелар, Фридрих Мерц најави далекусежно заострување на политиката за азил. Како што наведе, на првиот ден од функцијата ќе му нареди на МВР да врши постојана контрола на сите граници и да воведе „де факто забрана за влез“ за сите лица без валидни документи, вклучително и оние кои имаат право на заштита. Мигрантите кои треба да ја напуштат Германија ќе бидат притворени до депортација.
По средбите што ги одржа со раководството на ЦДУ во Берлин, Мерц даде радикална нова изјава: „Сега е навистина време да се донесат одлуки. Има 40.000 баратели на азил кои треба да бидат депортирани. Еден од нашите локални политичари викендов ми кажа дека низ нашата градови и заедници одат темпирани бомби“.
Мерц како Вајдел
Изборите во Германија ќе се одржат на 23 февруари. Демохристијаните постојано водат во анкетите: ЦДУ има повеќе од 30 отсто поддршка од гласачите, АфД е на второ место (20 отсто), а потоа следат двете партии кои ја сочинуваат актуелната владејачка коалиција, СПД и Зелените , со 14-16 отсто од гласовите. Фридрих Мерц категорично ја отфрли можноста за коалиција со АфД и најави дека ЦДУ ќе бара коалиција со главните партии, односно СПД, Зелените и либералната ФДП, доколку успее да влезе во Бундестагот.
Сепак, иако на почетокот на изборната кампања не зборуваше многу за миграцијата, претпочитајќи да се фокусира на решавање на проблемите на германската економија, Мерц го заостри тонот по нападот во градот Ашафенбург во кој барател на азил од Авганистан , кој требало да биде депортиран, избодел двегодишно дете и 41-годишен маж.
Тој најави дека неговата прва одлука како канцелар ќе биде да воведе постојани гранични контроли за да спречи илегално влегување во Германија. Иако тоа би било прекршување на Шенгенскиот договор, кој дозволува само привремено затворање на границите, Мерц не е загрижен или како што рече: „Стоиме на урнатините на една деценија лоша политика за азил и миграција. Дојдовме до ѕид“. Ова е слоган, забележуваат германските аналитичари, што Алис Вајдел, копретседавач на радикалната десница, можеше да го изговори.
Покрај тоа, Мерц ја прифати можноста неговиот предлог за заострување на политиката за азил да биде поддржан со гласовите на Алтернатива за Германија (АфД), што би било преседан во германската политика. Како што објасни Дојче веле (ДВ), за да се постигне мнозинство во сегашниот состав на Бундестагот, Унијата (ЦДУ/ЦСУ) ќе треба да се потпре на гласовите на неколку партии – само на гласовите на десничарската екстремистичка АфД немаше да биде доволно, но доколку членовите на ФДП и БСВ гласаа за предлозите на Унијата, ќе се постигне мнозинство.