По реакциите во јавноста за мерката куќен притвор за синот на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, Обвинителството за организиран криминал и корупција ја обжали одлуката на Кривичниот суд за Асмир Јахоски.
-Незадоволно од ваквата одлука Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение.
Претходно двете правосудни институции излегоа со различни соопштенија за тоа кој го пуштил Јахоски во куќен притвор.
Премиерот Христијан Мицкоски повторно го коментираше однесувањето на еден обвинител, очигледно мислејќи на шефот на ОЈОГОКК, Ислам Абази, кој според Мицкоски место заштитник на правдата избрал да биде слуга на една партија.
Од опозициската СДСМ ја посочија владејачката ВМРО ДПМНЕ за партнер на фирмата на Јахоски „Пуцко петрол“ во државните тендери.
– Само во последните девет месеци, општини и институции раководени од ДПМНЕ имаат склучено 170 тендери со компанијата „Пуцко петрол“. За ова треба да одговори ДПМНЕ. СДСМ дава поддршка на истрагата и очекуваме целосно расветлување на случајот, изјавија од СДСМ
Асмир Јахоски е осомничен за делото перење на пари во полициската истрага за злоупотреба на набавки на мазут со лош квалитет. Во истрагата осомничени се и сопственикот на РКМ, Ратко Капушовски, и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. (П.А)