По САД и Аргентина: Унгарија размислува да ја напушти СЗО

67

Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска соопшти дека земјата може да се повлече од Светската здравствена организација (СЗО).

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди повлекување на САД од СЗО речиси веднаш по преземањето на функцијата на 20 јануари, а вчера и Аргентина најави повлекување од Светската здравствена организација.

Министерот задолжен за кабинетот на унгарскиот премиер, Гергели Гуљас, денеска изјави за новинарите дека верува оти „доколку најмоќната земја во светот одлучи да ја напушти меѓународната организација, тогаш би било разумно унгарската влада да размисли“ дали треба да го преземе истиот чекор, пренесува Танјуг повикувајќи се на Политико.

„Можеби ќе дојдеме до заклучок дека не мора да го правиме тоа, можеби ќе донесеме некоја друга одлука, се разбира, но дефинитивно вреди да се размислува за тоа“, рече Гуљас, наведувајќи го како аргумент дека „најсилната светска демократија по своја волја ја напушта СЗО“.

Реакцијата на генералниот директор на СЗО
Трамп и неговите сојузници ја обвинија Светската здравствена организација дека се меша во суверенитетот на државите, дека е под несоодветно влијание од Кина и дека одговорот на СЗО на СОВИД-19 е недоволно компетентен.

Сите овие тврдења беа отфрлени од генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус во обраќањето до земјите-членки во понеделникот.

„Како агенција на ОН, СЗО е непристрасна и постои за да им служи на сите земји и на сите луѓе“, рече тој.

Тој додаде дека, кога земјите поставуваат барања што ја надминуваат мисијата на Светската здравствена организација, СЗО вели „љубезно, не“.

ИЗДВОЕНИ