Аргентина ќе се повлече од Светската здравствена организација (СЗО), изјави денеска портпаролот на претседателот Мануел Адорни, пренесува Ројтерс. Одлуката на Аргентина доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец издаде извршна наредба за повлекување на Соединетите држави од глобалната здравствена организација.
Адорни изјави дека управувањето со пандемијата на СЗО и одлуките на поранешниот претседател Алберто Фернандез „ја доведоа Аргентина во најдолгото заклучување во човечката историја“ и дека земјата била предмет на политичко влијание од одредени држави. „Аргентинците нема да дозволат меѓународна организација да интервенира во нашиот суверенитет, а уште помалку во нашето здравство“, рече Адорни.
Тој додаде дека Аргентина не добива средства од СЗО за здравствениот менаџмент и дека одлуката за повлекување нема да значи кратења. „Ова нема да влијае на квалитетот на здравствените услуги“, нагласи тој.
„Напротив, оваа одлука ѝ овозможува на земјата поголема флексибилност во спроведувањето на политиките прилагодени на контекстот и интересите што ги бара Аргентина, како и поголема достапност на ресурси“, продолжи Адорни. „Тоа го зајакнува нашиот пат како земја со здравствен суверенитет.
Како што пренесува „Буенос Аирес Хералд“, Аргентина покрај повлекувањето од СЗО „размислува и да го напушти Парискиот договор“ за климатските промени, додаде Адорни.
Инаку, на 22 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека земјата ќе се повлече од Светската здравствена организација, додавајќи дека глобалната здравствена агенција погрешно се справила со пандемијата Ковид-19 и други меѓународни здравствени кризи. Трамп потоа рече дека СЗО не успеала да биде независна од „несоодветно политичко влијание од земјите-членки“ и барала „неправедно тешки плаќања“ од САД кои се непропорционални со износите обезбедени од други, поголеми земји, како што е Кина.
„СЗО не украде, сите тие крадат од Соединетите држави. Тоа нема да се повтори“, рече Трамп при потпишувањето на извршната наредба за повлекување, набргу по неговата инаугурација за втор мандат.