„Театар Комедија е национална установа што добива средства од државниот буџет и не може да глуми елита недостапна за секој студент што сака да ја посети. Потсетуваме дека, согласно со потпишаниот меморандум на Министерството за култура со студентските организации од 31 јануари 2024, студентите имаат попуст од 50 проценти во СИТЕ национални установи од областа на културата“, се вели во реакцијата на студентите на социјалните мрежи откако деновиве, како што велат, не можеле да купат билет со претходно овозможениот попуст

 

На социјалните мрежи деновиве осамнаа бурни реакции на студентите, идните академски граѓани, кои се пожалија дека од страна на Театар Комедија не им се почитува правото за 50 проценти попуст на билетите (како, впрочем, и во сите други државни установи од областа на културата), што им е овозможено со Меморандумот за соработка, кој беше потпишан минатата година меѓу Универзитетското студентско собрание на УКИМ и Министерството за култура. Образложението на Театарот Комедија наводно било дека им е укината оваа можност бидејќи се злоупотребува од студенти?!

„Театар Комедија е национална установа што добива средства од државниот буџет и не може да глуми елита недостапна за секој студент што сака да ја посети. Потсетуваме дека, согласно со потпишаниот меморандум на Министерството за култура со студентските организации од 31 јануари 2024 година, студентите имаат попуст од 50 проценти во СИТЕ национални установи од областа на културата“, се вели во реакцијата.

Студентите прашуваат со кое право Театар Комедија го укинува студентскиот попуст од 50 проценти на влезниците и им се оневозможува поволноста што е должна да им ја даде.

„Во понеделникот, кога излезе репертоарот за февруари (бидејќи претставите се продаваат неколку недели однапред), побарав да купам билет за претстава со 50 проценти попуст, бидејќи сум студент, но на билетарницата во Театар Комедија ми кажаа дека е укината оваа можност затоа што се злоупотребува и дека треба да ја платам целосната сума, но и дека нема студенти на претставите?!“, вели нашата соговорничка, студент на Правниот факултет.

Реакциите, очигледно, вродија со плод, па уште вчера, на страниците на Театар Комедија на социјалните мрежи, беше објавен повик до студентите да го понесат индексот за да ја остварат можноста што им е дадена со меморандумот и да си купат билет за претставите во февруари со 50 отсто попуст.

„Почитувани студенти, во февруари, кога имате испитна сесија, одвојте време и за театар. Донесете индекс и набавете билет со 50 проценти попуст. Ви посакуваме успешна испитна сесија“, објавија од Театар Комедија.

Инаку, студентите со заверен семестар имаат право на попуст од 50 проценти за билетите и за следење на програмата во сите културни установи во државата. Целта на овој потег беше да се зголеми нивното присуство во културните установи и да им се олесни студентскиот стандард. (Д.Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ