По разорниот земјотрес во Тибет се бараат преживеани под урнатините

26

Спасувачите во кинескиот регион Тибет продолжуваат да бараат преживеани затрупани во урнатините  по силниот земјотрес, во кој досега се евидентирани најмалку 126 починати и 188 повредени, а спасени се повеќе од 400 луѓе.

Поради земјотресот, кој уништи повеќе од 3.600 домови, раселени се околу 30.000 луѓе.

Спасувачките акции се отежнати од стотиците последователни потреси и ниските температури во регионот. За спасувачките активности владата обезбеди 13,6 милиони долари.

Кинеските медиуми објавија дека во три населени места и 27 села на 20 километри од епицентарот на земјотресот на кинеска страна живеат околу 6.900 луѓе.

Земјотрес со јачина од 7,1 степени, според Рихтеровата скала, го погоди во вторникот северното подножје на Хималаите, во близина на еден од најсветите градови на Тибет, а се почувствува и во соседните држави Непал и Индија.

ИЗДВОЕНИ