Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека во текот на денот ќе разговара со американскиот лидер Доналд Трамп за да ги дознае деталите од неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Денеска ќе стапам во контакт со претседателот Трамп и ќе разговараме за следните чекори“, рече Зеленски на прес-конференција во Финска.
Зеленски рече дека Украина е подготвена да испрати делегација во САД за да разговара за прекин на огнот, наведувајќи дека војната не може да заврши без учество на Украина во преговорите. Тој, исто така, се заблагодари на Финска за воената и хуманитарна поддршка за Украина.
Тој рече дека се надева оти на крајот ќе дојде до прекин на огнот и повтори дека Украина нема намера да ги прифати „територијалните претензии на Русија“.
Американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин вчера имаа телефонски разговор. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков потврди дека разговорот меѓу двајцата претседатели траел повеќе од два часа.
Рускиот претседател Владимир Путин и нареди на армијата да престане со нападите врз објектите на енергетската инфраструктура во Украина.