Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на панел-дискусијата „За посигурна иднина на животните: Законски промени сега!” организирана од Либерален институт – Скопје најави дека во подготовка е програма за субвенционирање на стерилизација на домашни миленици, по примерот на успешната пракса од Општина Гази Баба. При тоа, наведе дека преку оваа програма, ќе им се овозможи на сопствениците на миленици полесен пристап до стерилизација, со што директно ќе се влијае врз намалување на бројот на бездомни животни – најчесто последица од неодговорно сопствеништво
Скопје се уште не може да се справи со проблемот кој го создаваат бездомните кучиња. Во центарот на градот можат да се видат глутница кучиња како трчаат и лаат и ги плашат граѓаните. Има и агресивни кои напаѓаат, па секојдневно во билтените на МВР се среќаваат информации дека некој граѓанин бил каснат од куче. Бројот на вакви случаи се повеќе се зголемува, а од градската каса се одлеваат големи суми за плаќање отштети на повредените граѓани. Скопските општините пак не ја плаќаат договорената сума од 2 милиони денари годишно за услугите на јавното претпријатие „Лајка“, а од друга страна пак вината за проблемот со глутниците кучиња ја префрлаат на градското јавно претпријатие надлежно за оваа проблематика, критикувајќи го дека не си ја врши работата како што треба.
Освен тоа, одредени општини, сакајќи да се ослободат од бездомните кучиња од својата територија, ги носат животните натоварени во комбиња во друга општина, што и не е суштинско решение, напротив само префрлање на проблемот.
Посебна приказна, пак, се неодговорните сопственици кои ги напуштаат домашните миленици кога ќе им се здосадат, па останувајќи на улица тие стануваат агресивни и се размножуваат. Прва општина која се обиде да го решава овој проблем со тоа што субвенционира стерилизација е Гази Баба во износ од најмногу 6.000 денари, сметајќи го како најдобро за контрола и намалување на популацијата на бездомни животни.
А втора Општина која ќе го следи примерот на Гази Баба е Центар. Стерилизација на домашни миленици најави градоначалникот Горан Герасимовски на панел-дискусијата ,,За посигурна иднина на животните: Законски промени сега!” организирана од Либерален институт – Скопје.
Тој истакна дека во подготовка е програма за субвенционирање на стерилизација на домашни миленици, по примерот на успешната пракса од Општина Гази Баба. При тоа, наведе дека преку оваа програма, ќе им се овозможи на сопствениците на миленици полесен пристап до стерилизација, со што директно ќе се влијае врз намалување на бројот на бездомни животни – најчесто последица од неодговорно сопствеништво.
– Стерилизацијата не само што придонесува за контрола на популацијата, туку и го намалува ризикот од агресивно однесување кај животните – нагласи Герасимовски.
Тој додаде дека Општина Центар работи и на координирани активности со соседните општини за справување со проблемот на глутници бездомни кучиња кои се пренесуваат од една општина во друга. Според него, заеднички акции и образовни кампањи ќе бидат клучни за долгорочно и одржливо решение.
– За да дојдеме до вистинско решение, мора сите да бидеме совесни како градоначалници на сите 10 скопски општини и редовно да го покриваме трошокот кон ЈП „Лајка”. Дополнително, ја отворивме темата и во рамки на Скопскиот плански регион, каде што разговараме за потребата од зголемен број стационари и други системски решенија. Не смее да се случува, како што веќе беше спомнато, кучиња од една општина што не ги третира проблемите, да завршуваат во друга. Тоа не е решение, само го префрламе проблемот од една на друга општина. Очекуваме позитивен одѕив од граѓаните – дециден е Герасимовски.
Граѓаните имаат право да знаат зошто плаќаат и што добиваат за тоа што го плаќаат. Колку кучиња се заловени? Колку се вакцинирани? Како се третирани? Тој побара конкретни статистики за да се види што е добиено за парите што се вложени, особено, како што рече кога некои општини не плаќаат, а други го носат целиот товар. Герасимовски информираше дека Општина Центар активно ја имплементира политиката „Залови – стерилизирај, вакцинирај, врати” во соработка со ЈП „Лајка”, со годишен буџет од 2 милиони денари.
(А.П.)