Осомничениот терорист баран во САД за два бомбашки напади во областа Сан Франциско е фатен во Велика Британија по 20 години во бегство и се појави на суд во Лондон, соопштија официјални лица.
Даниел Андреас Сан Диего (46), еден од најбараните бегалци на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), е уапсен во понеделникот во Велс, соопшти Националната агенција за криминал.
Сан Диего е обвинет во САД дека поставил две бомби кои експлодирале со разлика од околу еден час на 28 август 2003 година, во кампусот на биотехнолошка компанија во Емеривил, Калифорнија. Тој е обвинет и за активирање на друга бомба во прехранбена компанија во Плесантон, Калифорнија, еден месец подоцна.
Никој не е повреден во тие бомбашки напади, но властите соопштија дека бомбата во биотехнолошката компанија била наменета да ги повреди хуманитарните екипи.
„Апсењето на Даниел Сан Диего по повеќе од 20 години како бегалец за два бомбашки напади во областа на Сан Франциско покажува дека без разлика колку е потребно, ФБИ ќе ве најде и ќе ве повика на одговорност“, рече директорот на ФБИ, Кристофер Вреј во соопштението.
„Во нашата земја постои правилен и погрешен начин за изразување ставови, а свртувањето кон насилство и уништување имот не е вистинскиот начин“, додаде тој.
На Сан Диего му беше одреден притвор по неговото прво појавување пред судот во Лондон за да се разгледа неговата екстрадиција.