По падот на авионот Азербејџан ерлајнс ги прекина летовите до седум руски градови

423
EPA-EFE/STR

Азербејџан ерлајнс денеска објави дека ги прекинува летовите до седум руски градови, откако авионот на компанијата се урна на пат од Баку кон Грозни претходно оваа недела.

Државната агенција за воздухопловство на Азербејџан донесе одлука да ги прекине летовите кон Минералнe води, Сочи, Волгоград, Уфа, Самара, Грозни и Махачкала, пренесува Интерфакс.

Во исто време продолжуваат летовите од Баку до Москва, Санкт Петербург, Казан, Астрахан, Екатеринбург и Новосибирск.

„Ограничувањата на летовите кон овие градови ќе останат во сила се додека не заврши прелиминарната истрага за падот на Ембраер 190 и земајќи ги предвид ризиците за безбедноста на летовите“, соопшти компанијата.

Азербејџанскиот авион, кој летал од Баку за Грозни, се урна во средата наутро во близина на градот Актау во западен Казахстан, при што загинаа 38 лица од вкупно 67 членови на екипажот и патници во авионот.

Во авионот имало вкупно пет членови на екипажот и 62 патници, од кои 16 Руси, 37 државјани на Азербејџан, шест од Казахстан и тројца од Киргистан.

Ројтерс во четвртокот објави, цитирајќи извори, дека првите прелиминарни резултати од истрагата на Азербејџан покажале дека руската воздушна одбрана го соборила авионот во близина на Актау.

Прес-службата на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев соопшти дека авионот го променил курсот поради лошите временски услови, а до несреќата дошло при слетување во Актау.

Алиев нагласи дека постојат различни верзии за тоа што се случило и повика да се почека завршувањето на истрагата, меѓу другото, има информации дека авионот се урнал откако птици влетале во моторите.