По враќањето од состанокот на членовите, градските и општинските функционери на Српската напредна странка во Офицерскиот дом во Ниш, градоначалникот на Ниш Драгослав Павловиќ беше нападнат од група учесници на денешниот протест, пренесува Бета.
Нишлии фрлале јајца и ги полиле со вода на првиот човек на Ниш Драгослав Павловиќ.
На снимката која кружи на социјалните мрежи, иако одредени лица со телото го штитат Павловиќ, се гледа дека тој успеал да ги избегне јајцата, но не и водата со која бил полеан.
Kud naleteh na tebe nesrećo?! 🥲
Gradonačelnik Niša Dragoslav Pavlović! 🙃#niš pic.twitter.com/fzW2evPfmL
— Mateja (@MATEJANIKOLlC) March 21, 2025
Инаку, денеска во Ниш требаше да се одржат два настани – собир на Српската напредна партија во Офицерскиот дом, на кој требаше да се појават Ана Брнабиќ, Милош Вучевиќ, Дарко Глишиќ и други високи функционери на оваа партија, а граѓаните на Ниш организираа митинг во близина.
Како што пренесува Н1, собирот на СНС во Ниш е откажан. Градоначалникот на Ниш од бината им соопшти на насобраните дека средба нема да има, а во салата не се видени ниту Ана Брнабиќ, Милош Вучевиќ, ниту Дарко Глишиќ.
Полицијата ги блокирала сите пристапни патишта до Офицерскиот дом, кој го обезбедуваат силни полициски сили во повеќе безбедносни обрачи.
Граѓаните биле спречени да пристапат до просторот, подигнати се огради, а полицијата ги спроведува оние на кои им е дозволено да поминат, па се претпоставува дека се работи за членови на СНС кои толпата ги гаѓала со јајца.