Крајно неодговорно се водат политиките во секторот здравство, има бројни проблеми, системот не функционира како што треба, изјави Венко Филипче, лидер на СДСМ. Во интервјуто за „Радио Слободна Европа“, тој остро ја критикуваше актуелната состојба во здравствениот сектор, обвинувајќи ја Владата за крајно неодговорно водење на здравствените политики.
– Огромни се листите на чекања, нема лекови, сето тоа укажува на тотална незаинтересираност од менаџментот и од Министерството за здравство во делот на манаџирањето на клиниките. Беа многу критикувани формите на т.н. реверс, но тоа е систем што секогаш обезбедуваше лекови за нашите пациенти. Цената што се плаќа се човечки животи, кои, во меѓувреме, не може да ја примат соодветната терапија – смета Филипче, додавајќи дека на чело на многу клиники се поставени директори без потребното искуство.
Од СДСМ и преку прес-конференција побараа оставка на министерот Таравари за хаосот во здравството.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера возвратија дека ако е одговорен некој за состојбите во македонското здравство, тоа се единствено СДСМ и Венко Филипче, како поранешен министер за здравство.
– СДС и Венко Филипче можеа, но не направија ништо за да овозможат соодветни услови како за пациентите така и за здравствените работници. Седум години власт ги потрошија само на местење тендери за своите омилени фирми, од кои потоа, најверојатно, зедоа и одредени проценти. Филипче не треба да заборави дека во неговото министерување со здравството се лекуваа луѓе собирајќи донации од добронамерните македонски граѓани. Не треба да заборави дека, како министер за здравство, нему му изгоре модуларната болница во Тетово, во која живи изгореа 14 лица. Во негово време, Македонија се позиционираше високо на европските и на светските листи по смртност од корона вирусот – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираа и од „Вреди“. Оттаму велат дека нашле колабиран здравствен систем и дека работат на подобрување.
– Јавните здравствени установи ќе добијат поголем буџет од 100 милиони евра. Така буџетот годинава во јавните здравствени установи ќе биде околу 540 милиони евра. Да биде појасно, ако лани беше буџетот некаде околу 27 милијарди денари, сега е некаде околу 33,2 милијарди денари или околу 540 милиони евра – велат од „Вреди“.