Папата Франциск, кој е во болница нешто повеќе од две недели и се бори со двојно воспаление на белите дробови, е во стабилна состојба и нема нови респираторни кризи, соопшти денеска Ватикан.
Поглаварот на Римокатоличката црква (88) имаше стеснување на дишните патишта во петокот, слично на напад на астма, што ја обнови загриженоста за неговата состојба, објави Ројтерс.
Сепак, во денешното соопштение Ватикан наведува дека папата немал треска и зголемен број на бели крвни зрнца, како и дека протокот и циркулацијата на крвта останале стабилни.
– Клиничката состојба на Светиот Отец е стабилна – соопшти Ватикан, додавајќи дека прогнозите се уште се претпазливи, што значи дека тој се уште не е надвор од животна опасност.
Ватикан соопшти дека на папата Франциск му е потребна неинвазивна, механичка вентилација втор ден по ред, наизменично помеѓу оваа и „долгите периоди на терапија со висок проток на кислород“.
Папата Франциск продолжи да јаде и беше буден, се вели во соопштението.
Тој на 14 февруари бил примен во римската болница „Џемели“ со тешки респираторни проблеми, по што набрзо било утврдено дека има двојно воспаление на белите дробови.