По навреди и дискредитации, Венко Крстевски избран за в.д. градоначалник на Кочани

63

За жал, Крстевски беше сличен на еден наш поранешен премиер кој сега се наоѓа во Будимпешта, мудрувајќи на социјалните мрежи и ставајќи се себе како експерт за сите области, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ

Независниот советник Венко Крстевски е избран за в.д. градоначалник на општина Кочани на денешното гласење во општинскиот Советот по серија на навреди и дискредитации меѓу советниците. Советникот Крстевски доби 9 гласови „за“, а еден беше „воздржан“ за негово назначување, додека неговиот противкандидат Гоце Марков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ доби 8 гласови „за“ и еден „воздржан“. Гласањето се одвиваше во два круга, при што во првиот, според законските одредби, со мнозинство се избира в.д градоначалник од вкупниот број членови на Советот – 19. Во поединечното гласање и двајцата кандидати добија по осум гласа. Пред почетокот на седницата ВМРО-ДПМНЕ имаше девет советници. СДСМ осум, еден е независен и еден од Левица. Но, во текот на седницата советничката Кристина Атанасова-Арсова од ВМРО-ДПМНЕ си поднесе оставка и не гласаше. Поради тоа се премина на втор круг гласање кога изборот се прави со просто мнозинство од присутните советници.
На гласањето му претходеше и паузата со оглед на бурната расправа меѓу советниците. Меѓусебните дискредитации тргнаа откако Венко Крстевски на почетокот на седницата од говорницата објави дека поднел самокандидатура.
-Подавам рака на сите за заеднички и конструктивно да дејствуваме за да не се блокира работата на Општината. Потребно е да внесеме нова енергија и да ги реализираме проектите кои ги имаат советничките групи. Градот е во незавидна позиција, потребно е да ги извлечеме граѓаните од оваа апатија – порака Крстевски.
На ова реагираа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека се против кандидатурата на Крстевски.
-Сите со консензус се согласивме да не дозволиме Венко Крстевски да биде градоначалник. По трагедијата запревме со партиски активности за да нема поларизација и да се обединиме. За жал, Крстевски беше сличен на еден наш поранешен премиер кој сега се наоѓа во Будимпешта, мудрувајќи на социјалните мрежи и ставајќи се себе како експерт за сите области – инженер, полицаец, судија, обвинител… Тој нема завршено високо образование, нема ниту ден работен стаж и не може да се носи со сложени работи. Наш предлог е колегата Гоце Марков – соопштија од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Крстевски потоа ги отфрли обвинувањата у пак кажа дека треба да се внесе нова енергија меѓу граѓаните и дека ќе се заложи за реализација на проектите.
Од советничката група на СДСМ порачаа дека активно ќе се вклучат во процесот.
-Но нема да донесеме избрзано решение сè додека кандидатите не нè убедат дека не се политиканти. Ова се најтешки денови во историјата на Кочани, ќе се ставиме во службата на градот, потребна е солидарност – порачаа од оваа партија. (Б.Ѓ.)

Советничката Атанасова-Арсова поднесе оставка: Сите идеали на светот не вредат колку солзите на едно дете

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кочани, Кристина Атанасова-Арсова, со солзи во очите поднесе оставка од функцијата за време на седницата. Видно потресена, таа го напушти советничкото место, упатувајќи јавно извинување до граѓаните кои гласале за неа.
– Барам прошка, и им се извинувам на граѓаните кои дадоа глас за мене, не успеав да реализирам многу работи затоа што не беа приоритет за градоначалникот и раководството залетани од новите функции, се грижеа само за своите функции. Во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка за советник до претседателот на Советот. Ова е страшно и недостојно, понижувачки за мене и за сите кои ме гласале. Во иднина ќе се посветам на моето дете кое е повредено и на сите повредени деца. Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете – истакна советничката.

ИЗДВОЕНИ