Претставници на сите опозициски партии се собраа на состанок и застанаа зад повикот на граѓаните да присуствуваат на протестите со исти барања: оставка на премиерот Милош Вучевиќ, што би значело пад на целата Влада, оставка на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, апсење на оние кои се директно одговорни за пропустите во реконструкцијата на железничката станица и откривање на тајниот договор со кинеските компании. Владата на Србија нема да ја урнете, порача претседателот на државата Александар Вучиќ и предложи референдум за негово разрешување, најавувајќи дека нема да остане на претседателската функција ако не доби поддршка од народот
Паднатата натстрешница на железничката станица во Нови Сад, под која загинаа 14 луѓе, ѝ се заканува на српската власт.
По настрешницата падна и првиот функционер. Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, вчера ја поднесе оставката која ја најави ден претходно. Тој на својот профил, на социјалната мрежа „Х“, објави и фотографија од писмената оставка.
-Дадов оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Република Србија. Поднесов оставка како одговорно лице кое со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија, што се случи во ресорот со кој раководам. Ја напуштам оваа позиција со чиста совест и горд на резултатите што остануваат зад мене како и на тимот на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура што работеше со мене. Работев со голема почит и одговорност кон граѓаните како и со најдобра верба исклучиво во интерес на Србија, напиша Весиќ на својот профил.
Премиерот Милош Вучевиќ најави дека ќе ја прифати оставката, но ќе почека уште 24 часа да се види дали тие што биле надлежни за одредени прашања поврзани со одговорноста за несреќата, ќе се сетат на себе. Додаде дека во наредните денови очекува оставки, а за Весиќ рече дека нема сомнеж околу тоа дека тој субјективно да не е виновен, но „сепак, е објективно одговорен, бидејќи е министер за градежништво, транспорт и инфраструктура“.
Српските граѓани не се задоволуваат само со таа оставка. Во саботата имаше протест во Белград, а синоќа протестираа граѓаните и опозицијата во Нови Сад. За неделава е најавен уште еден протест во Белград, со исти барања: оставка на премиерот Милош Вучевиќ, што би значело пад на целата Влада, оставка на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, апсење на оние кои се директно одговорни за пропустите во реконструкцијата на железничката станица и откривање на тајниот договор со кинеските компании. Заштитен знак на протестите стана црвената боја на рацете на луѓето и истурена пред институциите, како симбол на крвта на жртвите на железничката станица во Нови Сад.
Претставници на сите опозициски партии се собраа на состанок во понеделникот попладне и застанаа зад повикот на граѓаните да присуствуваат на протестите. Тие истакнаа дека оставката на министерот Весиќ не е доволна, зашто најголемата политичка одговорност за трагедијата има премиерот Вучевиќ.
По ова претседателот на државата Александар Вучиќ рече дека очекува оставки и од други функционери, но посочи дека српската влада нема да падне и побара референдумско изјаснување за негово разрешување од претседателската функција.
-Владата на Србија нема да ја урнете. Ви нудам решение и голема победа. Дајте ни ги вашите 70-80 гласови во српското Собрание и ќе побараме од народот советодавно мислење на референдум за разрешување на Александар Вучиќ, рече тој.
Посочи дека нема да остане на претседателската функција доколку ја нема поддршката од народот. -Ако 50 отсто од народот се согласи со тоа на референдум, јас нема да бидам претседател на Србија ниту еден ден. Јавно ветувам дека истиот ден ќе поднесам оставка и дека ќе се одржат нови претседателски избори. Така сте ги решиле сите свои проблеми. Тоа можеме да го направиме во јануари, март или мај. Изберете кога сакате, но не го малтретирајте овој народ, ѝ се обрати тој на опозицијата.
За оставката на Весиќ рече дека е морален чин и негираше дека тој го натерал да ја поднесе.
Новосадското движење Крени-Промени во понеделникот поднесе кривични пријави против Вучиќ, Вучевиќ и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, како генератори на корупцијата во градежништвото во Србија.
Докторите сè уште се борат за животот на тројцата повредени
Пет дена по паѓањето на натстрешницата во Нови Сад, состојбата на трите повредени лица и понатаму е многу тешка, информираа од болницата каде што се згрижени.
-Сè уште се живи, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата сè уште не е стабилизирана. Се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за нивниот живот сè уште трае. Сместени се во Ургентниот центар каде што им е овозможен комплексен интензивен третман со континуирано следење на виталните функции и хируршки третман на повредите, изјави в.д. директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов.
За работа со семејствата на повредените ангажиран е тим од психолози и психијатри.