По изјавата на Меџити за 2-3 илјади вработувања: „Нема такво нешто, сè додека сум јас претседател на Владата“

48
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека нема списоци за партиски вработувања и додека тој е на чело на Владата, нема да има такво нешто. Изјавата на Мицкоски е како одговор на најавата на неговиот заменик во Владата, Изет Меџити, дека за една година ќе се вработат 2-3 илјади Албанци во јавната администрација. Опозициската СДСМ побара од Антикорупциската комисија да отвори предмет и да ги стопира вработувањата во администрацијата сè додека не го истражат случајот

 

Предизборен маркетинг или нови масовни вработување по партиска и етничка припадност, списоците од 3.000 нови вработувања во администрацијата, кои на партиски собир во Шуто Оризари ги најави владиниот вицепремиер Изет Меџити, за премиерот Христијан Мицкоски не се вистински и уверува дека додека тој е претседател на Владата, ќе се вработуваат компетентни луѓе.

-Нема таква работа, ниту пак ќе има, сè додека сум јас претседател на македонската Влада ќе се вработуваат компетентни луѓе кои ќе одговараат на работните места, а партиски-етнички клучеви тоа не треба да го дискутираме, сме го кажале веќе тоа, дека ќе направиме Закон, да има правична и етничка застапеност, бидејќи овој што го направија претходните Уставниот суд го поништи, а „Бадентерот“ е уставна категорија и мора да го усогласиме законодавството, а дека некој правел списоци, нема такво нешто, изјави Мицкоски.

-Изет Меџити подготвува робусна акција, најголем партиски напад врз институциите досега со 3.000 нови партиски вработувања во државната администрација, обвинуваат од опозицијата и се сомневаат дека по изјавата на вицепремиерот Меџити веќе постојат подготвени списоци со имиња на „подобните“ партиски кадри, кои треба да се вдомат во јавниот сектор. Од СДСМ ја повикаа антикорупциската комисија да отвори предмет по изјавата на Меџити и побараа сите моментални вработувања во администрацијата да бидат стопирани и да се обезбеди целосна истрага за овој скандал.

-Очигледно станува збор за политички дил меѓу ВЛЕН и ДПМНЕ односно меѓу Мицкоски и Меџити за робусно полнење на јавната администрација со луѓе блиски до владејачките партии. Пред локалните избори власта спремила робусно полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе и младите остануваат без никаква шанса. Овој огромен, робусен скандал со најголема партизација на институциите мора да биде целосно расчистен.

Граѓаните заслужуваат држава каде што секој има еднакви можности, а не распределување на работни места според партиски списоци, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Илјадници вработувања на Албанци во државните служби ќе се случат само за една година, најави во четвртокот вечерта првиот вицепремиер во македонската Влада, Изет Меџити. Зборувајќи на партискиот настан на Демократското движење, чиј претседател е тој, во скопската општина Шуто Оризари, рече дека ќе има повеќе вработувања на Албанци во државната и во јавната администрација отколку што направиле ДУИ и други албански политички субјекти за осум години.

– За прашањето за вработувањето, за една година ќе направиме онолку вработувања колку што направија тие за два мандати, осум години во Владата. Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и во јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани за да не заминуваат во странство и за да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата – изјави Меџити.

Изјавата на Меџити доаѓа во период кога се подготвува верзија на Законот за правична застапеност на етничките заедници, која, според Меџити, наскоро треба да биде готова. Но, вицепремиерот во говорот пред членството не објасни дали масовното вработување ќе се должи на новите законски решенија и во кои се сектори би биле вработувани Албанци. Ваквата изјава доаѓа во пресрет на локалните избори, кои ќе се одржат наесен, па премиерот Мицкоски не исклучува дека некои поединци можеби со некои свои изјави сакаат да си кренат политички рејтинг. Според премиерот владината коалиција функционира одлично и дебатата на владините седници е здрава. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ