Светот уште еднаш ја слушна македонската химна, а за тоа најзаслужен беше нашиот борец, Марко Трајановски (16 години), кој на доминантен начин дојде до златото на Европско првенство во ММА, што се одржа во Белград, Србија. Со овој голем подвиг, тој стана првиот Македонец кој дошол до таков успех. Трајановски се бореше во категоријата до 83,9 килограми, а на патот до златото тој победи противници од Бугарија, Романија, Украина и Италија, за само еден ден.
- Имав четири исклучително тешки борби на ова Европско првенство. Противниците со кои ги одмерив силите се шампиони на националните првенства во нивните земји, што покажува какви ривали сум имал пред себе, истакна Трајановски за весникот ВЕЧЕР.
Потоа, младиот ММА борец проговори за интензивните тренинзи кои ги имал пред самиот почеток на првенството.
- За ова првенство имав интензивни подготовки кои траеја осум недели, заедно со оние тренинзи кои ги имав претходно. Тука мора да им се заблагодарам на моите тренери Ивица Алексовски, Стефан Пецевски, Зоран Петковски и на мојот тим „The Strongest“ за постигнатиот успех, бидејќи без нив сето ова немаше да биде реализирано и остварено. Тие се главните „виновници“ за да го освојам европското злато, додаде младиот ММА борец.
Од друга страна, неговиот тренер, Ивица Алексовски, ги откри наредните планови на Трајановски.
- Сега за сега, европското злато е нешто што го посакувавме и за кое макотрпно работевме. Сега, ни следуваат неколку регионални турнири пред Светското првенство кое ќе се одржи ова лето, каде исто така атакуваме на висок пласман, изјави Алексовски.
Овој подвиг е огромен чекор за македонскиот ММА и потврда дека нашите борци се меѓу најдобрите во Европа.
Инаку, во петок свој настап на овој турнир ќе има уште еден македонски борец, Даниела Алексовска, која ќе се обиде преку полуфиналето да обезбеди место во финалето.