Јавното претпријатие за државни патишта денеска свеченото ќе го пушти во употреба експресниот пат Крива Паланка-Страцин.

– Изминатиот период ја забрзавме изградбата и работевме и дење и ноќе и во зимски услови и резулатот е нов, модерен и безбеден експресен пат во должина од 25,5 километри, со дозволена брзина од 110 километри на час. Тоа е пат кој е од големо значење не само за граѓаните од овој регион, туку е значаен затоа што е дел од Коридорот 8 кој го поврзува истокот со западот на државата. Вкупната инвестициона вредност на експресниот пат изнесува 102 милиони евра, средства обезбедени од Светска банка 88 милиони евра и дел наменски грант во висина од 14 милиони евра обезбедени од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан – велат од ЈПДП.

На експресниот пат има три клучки, исто толку и мостови, 13 вијадукти, девет надпатници, 44 косини, 36 цевасти пропусти и 14 плочести пропусти. Тој е со ширина од 11,4 метри, односно 12,5 метри.

Минатата година беа реализирани 200 милиони евра за капитални инвестиции од кои 55 милиони евра за коридорите 8 и 10Д. Наскоро ќе бидат ставени во функција и други патишта чија изградба привршува. Тоа се експресниот пат Градско – клучка Дреново кој е дел од Коридорот 10Д во должина од 15,5 километри кој во текот на јануари ќе се пушти во употреба. Експресниот пат Градско – Фариш се гради во фази и за почеток ќе биде пуштена првата делница, а делот од Дреново до Фариш со должина од 10,2 километри е во напредна фаза, и во моментот се разгледуваат алтернативни технички решенија за изведба на галерија и потпорен ѕид.

На почетокот на летото ќе бидат пуштени првите километри од автопатот Кичево –Охрид, односно потегот од Врбјани до Песочани во должина од 11,5 километри. За да се стигне навреме, активно се работи на асфалтирање и десната коловозна лента е завршена, а доколку временските услови се поволни ќе се продолжи со асфалтирање и на делницата од Климештани до Мешеишта. Се асфалтира и делот од Требеништа до Охрид каде што левата коловозна лента е завршена и се прават напори пред почетокот на летото да се пушти во употреба оваа делница која е со должина е 10,2 километри.

Се прават напори пред летото да се пушти во употреба левата коловозна лента во должина од 7,5 километри од Песочани до Требеништа без делот во Ботун. Кај Ботун се вршат дополнителни геотехнички истражни работи и предлог технички решенија за надминување на проблемот со новопојавените пет свлечишта. Автопатот Кичево – Охрид се гради веќе 10 години.

(С.Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ