По повеќе од два месеци чекање, јавноста конечно ги дозна резултатите од обдукцијата на легендарниот актер и добитник на Оскар Џин Хекман, кој почина на 95-годишна возраст. Како што објави Fox News, повикувајќи се на официјалниот извештај на Канцеларијата на судскиот испитувач, Хекман страдал од неколку сериозни здравствени проблеми во годините пред неговата смрт, објавува Magazin.ba.
Според наодите, Хакман имал конгестивна срцева слабост, хронична болест кај која срцето не може да пумпа доволно крв за да ги задоволи потребите на телото. Покрај тоа, обдукцијата покажа изразени хронични хипертензивни промени во бубрезите, што укажува на долгорочните последици од високиот крвен притисок врз функцијата на овој витален орган.
Во 2019 година, Џин Хекман беше подложен на операција за време на која му беше имплантиран бивентрикуларен пејсмејкер, уред кој помага во регулирањето на срцевиот ритам кај пациенти со срцева слабост. Сепак, неговите здравствени проблеми не завршија тука.
„Пронајдени се сериозни атеросклеротични и хипертензивни промени во кардиоваскуларниот систем, поставени се стентови во коронарните артерии, извршена е бајпас операција, како и претходна замена на аортна валвула“, се наведува во извештајот.
Наодите од обдукцијата, исто така, го потврдија присуството на невродегенеративни промени поврзани со Алцхајмеровата болест, прогресивно нарушување кое влијае на меморијата, размислувањето и однесувањето.
Важно е да се напомене дека истрагата ја разгледала можноста за инфекција со хантавирус – ретка, но сериозна вирусна болест што ја пренесуваат глодари. Токму оваа инфекција ја предизвикала смртта на сопругата на Хекман, но резултатите од обдукцијата сега јасно покажуваат дека Џин Хекман не бил заразен со хантавирус.